Книги за убав почеток на работната недела
За денес одвоивте три интересни книги кои ќе ве воодушеват, ќе ви го разубават денот, неделата…
Слаткоречив туѓинец (Лиса Клејпас) Џек Тревис има прилично едноставен и некомплициран живот како тексашки милионер и плејбој. Тој не дава никакви ветувања, љуби многу жени и живее за задоволство. Но вистината е дека никој никогаш ја нема допрено неговата душа и нема стигнато до неговото срце. Тој е нескротлив и безгрижен сѐ до моментот кога една жена му се појавува на врата со видлив бес на лицето и бебе во рацете. Лутата жена е тетка на бебето и таа тврди дека Џек е таткото на бебето. Вистинската мајка го напуштила детето, препуштајќи ѝ ја грижата за него на својата поодговорна сестра. И сега, од Џек се бара да преземе одговорност за првпат во животот. Со неодолива романтична тензија и ликови кои се толку живи што чиниш чекорат по страниците и влегуваат директно во твоето срце, Лиса Клејпас повторно создала една од оние приказни кои те засмеваат, расплакуваат и оставаат вечна трага во твоето срце и ум.
Сите стравови на светот (Алекс Финлеј) „Телата ги пронајдоа во вторник“ – Така започнува еден од најинтригантните и најветувачките трилери за 2021 година; комплексна и заплеткана приказна за мрачната судбина на семејството Пајн. По ноќ помината на забава, студентот Мет Пајн се враќа во својата соба во студентскиот дом, а таму го чекаат трогателни вести: речиси целото негово семејство – мајка му, татко му и помалите брат и сестра – ги пронашле мртви од труење од гас за време на нивниот одмор во Мексико. Локалната полиција тврди дека се работи за несреќен случај, но ФБИ имаат други сомнежи, само не сакаат да му кажат на Мет зошто. Трагедијата завршува на сите наслови страници затоа што на семејството Пајн не му е првпат да го привлече вниманието на новинарите. Постариот брат на Мет, Дени, отслужува доживотна казна за убиството на неговата девојка од тинејџерските денови, па благодарение на тоа, целото семејство е прочуено. Иако илјадници се убедени дека Дени е неправедно осуден, Мет чува тајна за брата си, која никогаш ја нема споделено со никого: ноќта кога се случило убиството на девојката, Мет видел нешто што го тера да верува дека брат му навистина е виновен за злосторството. И сега кога смртните случаи во Мексико почнуваат да стануваат сѐ посомнителни, како да се поврзани со случајот на Дени, Мет мора да ја открие вистината за убиството поради кое брат му завршил во затвор – и притоа да се соочи со сите свои најголеми стравови на светот.
Фатални желби (Бруклин Хадсон) Жулиен и Ракел имаат прекрасен живот, но тој се претвора во кошмар после трагедијата ноќта на нивната деветта годишнина. Жулиен, ладен и резервиран поради трагично минато, но сепак лојален човек со златно срце, одлучува да почнат одново, да се преселат во мало мирно гратче и да му се вратат на нормалниот живот далеку од сите опасности. Но она што не го знае е дека во новата прекрасна планинска куќа ги чека нова опасност, кошмар пострашен од сите други. На прв поглед, куќата во Кингс Холоу изгледа како остварување на сонот. Но таа има една уникатна карактеристика. Сите нејзини станари се вклучуваат во една фатална игра додека живеат таму. Игра која може да ти ги исполни сите желби… Игра која дефинитивно ќе нѐ научи да внимаваме што посакуваме… Нивните желби се исполнуваат. Нивните стравови се враќаат. Нивните кошмари стануваат реалност. Но… некои желби е најдобро никогаш воопшто да не се посакаат… За љубителите на Стивен Кинг: хорор мистерија со доза на натприродни трилер елементи. Оваа книга ќе ве извози на шокантна луда железница.