Книги кои ќе го задржат вашето внимание
За денес одбравме три книги кои вредат да бидат прочитани, книги кои ќе го задржат вашето внимание.
Стогодишникот кој скокна низ прозорец и исчезна (Јонас Јонасон) Приказната за Алан Карлсон, ведриот старец кој на својот стоти роденден скокнува низ прозорец, цврсто решен старечкиот дом во Малмкопинг да не биде место на кое ќе го заврши својот век, добива свој заплет кога стариот присвојува еден куфер од еден криминалец. Тоа ќе покрене низа случувања и ќе го доведе во врска со многу интересни ликови. Како се заплеткува оваа случка така се отплеткува животот на Алан Карлсон, кој, како што се покажува, во вистинско време се наоѓал на места на кои се решавала иднината на Европа и на светот: учествувал во војната меѓу Шпанците и Шпанците, вечерал со Труман, ручал со Мао Цетунг, спречил атентат на Черчил… Русите го бркале да им ја открие тајната за атомската бомба, а тој, побегнувајќи од сибирскиот гулаг, преку Северна Кореја стигнал на Бали каде 15 години живеел од американски пари наменети за помош и развој на далекоисточните земји – урнебесна историја на модерниот свет! Стогодишникот кој скокна низ прозорец и исчезна беше одлично прифатена. Се најде на списокот на најпродавани книги во Шведска веднаш по излегувањето, а голем успех доживеа и во над 30 земји на чии јазици е преведена досега.
Аутопсија на љубовта (Моџо Килингтон) Аутопсија на љубовта е длабоко интимна поезија, еден вид на внатрешна исповед на авторот. Тој се соголува себеси, интензивно, чувствува љубов, копнеж, страв, безнадежност, апсурд… Токму тој бодлеровски призвук, емозионално жестоките слики со силно изразени контрасти се најсилната страна на поезијата на Моџо. Помеѓу стиховите во кои се испреплетуваат тагата, болката и разочарувањето, како противтежа авторот ја спротиставува љубовта како нешто што ќе го спаси светот. На границата помеѓу животот и смртта, сонот и јавето, постоењето и непостоењето, ангелите и демоните, е таа, неговата љубена, по која тој посега, а патиштата никако да им се вкрстат. Како расипан часовник чиишто стрелки се застанати далеку една од друга, проколнати да не се сретнат никогаш.
Костурите на округот Медисон (Ведрана Рудан) Госпоѓа Павица е приморка во златни години и секогаш кога некој ќе ја нарече жена во златни години, ù се превртува желудникот. Живее во мало место, пее во мал хор и е омажена за поморец со кого цел живот е во брак. Ги има ќерката Ана, внукот Тони и болките во колената. Децата за неа се безусловна љубов и доживотна робија и кога повторно би се родила, никогаш не би родила. Првпат е среќна во седумдесеттата година бидејќи го наоѓа мажот пред кој не мора да клечи. И не размислува за смртта. Ана е образована и самостојна жена во педесеттите која добро заработува, има мигрена и проблем со желудникот. Поради помлад маж, остава прекрасен сопруг и дете и никогаш не се грижи што мисли светот за неа. Нејзе ù се воодушевува дури и младата љубовница на нејзиниот втор сопруг. Додека чека третман со акупунктура во ординација, убедена е дека мајка ù полудела и размислува за незадоволниот татко, поранешниот и сегашниот сопруг, неговата љубовница… и стравот од смртта. Во полифоничниот роман „Костурите на округот Медисон“, Ведрана Рудан бескомпромисно и духовито, а над сè уметнички успешно, зборува за родителите, децата, љубовта и сексот. Таа ги разбива стереотипите за пожртвуваните мајки, послушните ќерки, посветените сопрузи и злобните љубовници. Стереотипите поради кои сите тие стануваат жртви. Како завршува мојата љубовна приказна? Дали на крајот ќе се венчаат или можеби ќе ги обноват заветите? Или се разделуваат на обострано задоволство за да тргнат во нови љубовни маки опседнати со сексот или од стравот од секс? Нема да ви кажам. Што мислам, дали книгата е добра? Одлична е. Земете ја в раце. Откако ќе ја прочитате, можеби нема да скокнете на ФБ, туку на некој што го сакате. Или ви се чини дека го сакате.