Рецепт за убав ден на Мирослав Кацаров
Водителот Мирослав Кацаров денеска го споделува својот рецепт за убав ден со читателите на www.ubavo.mk.
Искрен да бидам многу сум среќен кога имам убав ден, ама за да имаш убав ден мислам дека треба да имаш убави луѓе околу себе. Петре М. Андреевски во 1997 година напишал вака „ Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи… Само убавината прави пазар.“
Мене денот ми започнува рано наутро, иако не сум утрински тип и секогаш ми се спие сепак се трудам да не гледам во креветот и топлата постелнина од како ќе станам. За убав ден важни ми се и првите информации кои ќе ги примам и телефонските позиви кои ќе ги направам, затоа искрено бирам со кој правам муабет рано наутро, па ве советувам да ја копирате оваа практика од мене, одлична е, веќе докажана! Денот убав да ви биде го прави и убавата мисла дефинитивно, тоа што го мислиш тоа и ти се случува нели !? И уште ова морам да го додадам во однос на мене – убав ден имам и кога сум со најблиските, тие што ги сакам, почитувам или работам со нив и имаме договорено седенка после работа. Но и кога сум убаво облечен, е тогаш од убав по убав ден имам! Намерно не спомнав мотивации и слично, затоа што тоа сите го кажуваат, па да не се повторуваме. Сума сумарум, рецептот е – убави луѓе околу себе, позитивни информации и мисли, љубов кон себе и пријтелите и насмевка кон останатите.