Ксенија Николова од удобноста на својот дом: “Човек што сам може да си направи, никој отстрана не би можел”
Ова што се случува, односно ова нетрпение и одбивање да се седи дома и едноставно да се биде во своите четири ѕида, во удобноста на својот дом и своите услови, каде имаме право да правиме што сакаме, каде имаме можности постојано да креираме, содаваме, да се едуцираме и дознаваме, само докажува колку сме ние несреќен народ во суштина, народ кој по секоја цена бега од реалноста, народ кој не е доволно ментално силен за да ја погледне вистината во очи, и затоа има потреба да обвинува други, оправдувајќи ги своите постапки.
Тоа е одлика на народ со лошо ментално здравје, народ кој не се грижи за својата ментална хигиена и народ кој бара спас и бегство од реалноста. Коренот на проблемот и на сите други проблеми јас го гледам тука, и затоа секогаш со сета моја моќ ќе се трудам да почнеме да посветуваме сериозно внимание на сопственото ментално здравје, на личноста во којашто се градиме и на сопствените стравови од кои очајно бегаме.
Инаку, само како паралела, нашиот карантин е еден просечен ден на еден успешен човек којшто живее на запад. Работа, дома, време поминато со најблиските во својот дом. И некој за тоа е благодарен, а некој тоа го смета за казна.
Не е залудно кажано, човек што сам може да си направи, никој отстрана не би можел.
Ксенија Николова