Рецепт за убав ден на Габриела Димовска
Денеска во рубриката “Рецепт за убав ден” се дружиме со Габриела, девојката која обожува да патува, која секојдневно мотивира и плени на социјалните мрежи со своите оргинални фотки.
Во принцип сум ранобудна, па и во овие услови на работа од дома, јас сум станата пред 8. Сакам да го фатам денот од рано наутро, но не да ми претставува стрес ако пропуштам нешто во текот на денот. Денот започнува “натенане”, па си дозволувам околу еден час уживање во утринско кафе заедно со сопругот. Потоа почнуваат работните обврски и работите кои треба да се завршат за домот. Не сакам многу да планирам, па само крупните работи ги планирам претходно. Останатото е тоа што ќе донесе денот. И тоа многу ме релаксира. Не сакам форсирање и брзање по секоја цена. Спонтаноста, секогаш се покажала како најдобра.
Не поминува денот без да им се јавам на моите, особено на мојата најголема радост – внук ми. Сега сфаќам зошто тетките се топат во коментари кај своите внуци на социјалните мрежи. Сигурно би била иста 😂😂
Покрај семејството и фамилијата кои се на прво место, тука се и пријателите кои додаваат дополнителна вредност за квалитетно секојдневие. Денот најчесто завршува разгледувајќи за некоја дестинација и проучувајќи за културата на таа дестинација. Дури и да не се отпатува некаде, истражувањето позитивно ми влијае.
На крајот од денот, битно да се биде задоволен од себе. Кога ќе стигнете до тоа ниво, деновите не може да бидат лоши. Сите предизвици ќе ги прифатите со леснотија, и битно е да се запамети дека за се има решение, само треба сталожено да се размисли.