Македонските ѕвезди преку обувките на дизајнерот Сатја Грабулоски порачаа „Седи дома“
Пет македонски музички ѕвезди – Антониа Гиговска, Тамара Тодевска, Васил Гарванлиев, Туна и Викторија Лоба, се дел од најновата кампања на компанијата SWithADot. Под мотото „Седи дома“, компанијата која изработува уникатни обувки, им направи необични топлинки на македонските пејачи. Секој пар е со оригинален дизајн, прилагоден на карактерот на секој од нив.
„Дизајнот на Тамара е инспириран од поп-арт бидејќи таа е ведра, смела, позитивна жена; дизајнот на Антониа е младешки во камо стил; Туна обожава анимал-принт па затоа се одлучивме за таков стил, а пораката ‘Седи дома’ е напишана на албански јазик; дизајнот на Викторија вклучува гладиоли, нејзиното омилено цвеќе во нејзините две омилени бои; а Васил сам ги нацрта сите елементи што се насликани на неговите обувки и ние само ги пренесовме на нив за да бидат автентични“, раскажа Сатја Грабулоски, дизајнер и сопственик на компанијата.
Идејата за реализација на овој општествено одговорен проект дошла од американската агенција со која од неодамна соработуваат Сатја и неговиот тим. Во оваа агенција како ексклузивци членуваат Ријана, Дрејк, Тревис Скот и други светски ѕвезди.
„Задоволство ни е што во ова време-невреме можеме да направиме една светска кампања во која главната улога ја имаат нашите ѕвезди. Досега ме критикуваа дека работам само со светски ѕвезди, а дека нашите ги занемарувам. Затоа сакам да им се заблагодарам на сите што прифатија да ги искористиме нивните моќни гласови и нивната музика како инспирација за да изработиме ултра ексклузивни дизајни. Тоа се единствените пет пара топлинки од овој тип што постојат на планетата, соработка на SWithADot и Shepherd, познат шведски бренд, а да ги направиме специјално за нашите пејачи“, вели Грабулоски.
Познатиот дизајнер, кој веќе неколку години изтработува патики и чевли со уникатни дизајни за ѕветските ѕвезди, им нацрта патики и на Кристијано Роналдо, Серхио Рамос, Дуа Липа, Стив Аоки, Френч Монтана но и мартинки на Мајли Сајрус. Негови оригинални дизајни носеа и Тимур Дибиров, Борко Ристовски, Андреа Лекиќ, Лука Циндриќ, Горан Пандев, Роберт Левандовски, Јоан Канељас. Во моментов е актуелен со дизајнот за филмската ѕвезда Зендаја.