Предлог три книги кои треба да ги прочитате
Од книги никогаш доста, нели?! Оти, се храна за умот, а без храна не се може.
Зошто јас? Мојата борба со анксиозноста, стравовите и паничните напади (Мартин Јованоски) „Зошто јас?“ е прашање што секој од нас си го поставил во одреден момент од животот. Во потрагата по одговорите се насетуваат два избора: тешките искуства за некого ќе бидат нешто што само ќе го преживее, а за некој друг – нешто што ќе го врати во живот. Да се напише оваа книга е да се допре душата на секој од нас, но и личен терапевтски процес. Ставањето на хартија на нашите искуства и доживувања е навистина лековито искуство. Моментот во кој тие ќе заиграат пред нашите очи и ќе ја прочитаме својата приказна е момент во кој сме си ја дозволиле ранливоста, сме го скротиле егото и сме ѝ дале светлина на внатрешната реалност. Тој момент е истовремено и моќен, бидејќи само од позиција на препознавање на својата вистина и љубов за себе можеме да го исцелиме она што боли. За сите вас кои сте ја запознале анксиозноста, ова четиво ќе ви биде вистински скапоцено, бидејќи ќе станете свесни дека не сте осамени во тоа искуство. Таа доаѓа во повеќе форми и може да зборува на различни јазици, но секогаш претставува покана за една поинаква средба со себеси.
Мајки – блогерки (Холи Венрјт) Најсвежиот, најхумористичен глас во фикцијата по Лијан Моријарти“, Миа Фридман. Запознајте ги трите жени што ги живеат своите животи на интернет, секоја од нив со следбеници, сметана за идол, имитирана, исмевана и „тролана“. ЕЛ КЕМБЛ е дотерана, „стегната“ мајка со дефинирани и цврсти стомачни мускули, десетгодишен план и сложено минато. АБИ БЛЕК се откажала од јадење шеќер, се преселила на село и дома ги школува нејзините тинејџери со променливо расположение. ЛАЈЗЕЛ АДАМС јаработи напорно својата канцелариска работа секој ден пред да јурне накај дома, полна со вина, за да помине бесценети моменти со нејзините три деца пред спиење. Заштитен знак за сите три, во кој уживаат или ги згрозува, е мајки-блогерки. И врските не застануваат таму… Кога сите три се номинирани за престижната награда за блогери со крупна парична награда, на сцена доаѓа брутална и често смешна бoрба на срца и умови − и кликнувања. Како што се приближува ноќта на доделувањето на наградите, нивните лаги стануваат поголеми, маркетиншките трикови сè полуди − и станува сè потешко да се скријат некои грешки од минатото. МАЈКИ-БЛОГЕРКИ Е ОСТРОУМЕН И СМЕШЕН ПРИКАЗ НА МОЌТА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ И ЖЕНИТЕ ЗАД „ЛАЈКОВИТЕ“, СПОДЕЛУВАЊАТА И ФИЛТРИТЕ.
Сè е за*бано : книга за надежта (Марк Менсон) Од авторот на интернационалниот мегабестселер „Е, баш ме заболе“ доаѓа контраинтуитивен водич за проблемите со надежта.Живееме во интересно време. Материјално, сè е подобро од кога и да е, но некако сè изгледа како да е непоправливо и ужасно заебано. Што се случува? Ако некој може да ја именува нашата моментна малодушност и да ни помогне да ја решиме, тоа е Марк Менсон. Во „Сè е заебано“, Менсон исцртува планини од психолошки истражувања базирани на безвременската мудрост на Платон, Ниче, Кант, па и на Том Вејтс, за да ги дисецира религијата, политиката, парите, забавата и интернетот. Со неговата препознатлива комбинација од ерудиција и хумор, Менсон нè предизвикува да бидеме почесни кон себеси, отворено спротивставувајќи се на нашите дефиниции на верата, среќата, слободата – дури и на надежта. Еден од најголемите модерни автори напиша уште една книга што ќе ја постави агендата на годините што доаѓаат.