Рецепт за убав денУбави луѓе
Рецепт за убав ден на Мартина Димоска
Во рубриката „Рецепт за убав ден“ дознаваме кои се нештата коишто и го прават денот убав на позитивната и креативна Мартина Димоска!
Убавото утро е предуслов за убав ден. Па затоа сум поборник хедонизам да се практикува што порано наутро.
После добар сон, сакам да се будам в мугри и да го гледам изгрејсонцето. Редовни придружници се топлото кафе и веселата музика што некако даваат дополнителен шмек и го дефинираат стартот на уште еден прекрасен ден.
Како што растеме и се развиваме, така во животот минуваме низ многу фази а следствено со нив и многу добри или лоши периоди.
Па затоа треба да сме си својот најдобар пријател. Така, често кога ќе се фатам себе си да имам негативни мисли што штетат, гледам да паузирам од светот и да применам некоја навидум едноставна но симболична афирмација и да постапувам што пообјективно.
Секако не штети и некоја кратка медитација при екстремно напорен ден зошто искуствено знам дека вистински ревитализира.
Порано знаев да не запирам и да не си давам време на себе си, но тоа носи до сериозни здравствени последици. Па затоа, за убав ден, поучена од предходно, целам кон баланс меѓу работата и приватниот живот.
Времето што си го давам за грижата на себе си е бесценето и навистина се одразува многу позитивно врз моето ментално и телесно здравје.
Би препорачала многу природа, спорт, здрава храна и денови исполнети со љубов од семејството и пријателите.