Од васУбави муабети

Нов живот да започнеме… Јас и ти!

Камена куќа, со стрмен покрив од кој израснало трева, мали прозорци од кои се проѕира жолта светлина. Антониј се колеба дали да затропа, а срцето му бие од возбуда, бие за неговата сакана, ама пак се испитува во себе, дали воопшто требаше да се појави овде. И тропнува. По само минутка, му отвора Евгенија како да стоела до вратата, како нетрпеливо да го чекала. Со голема насмевка ја отвора вратата. А Арон лае така силно и вистински, ѝ се радува и ѝ скока во прегратки, трча ко луд околу неа, а Антониј стои така здрвено, не може да ѝ се изнагледа. Во црвено фустанче, русокоса, со шминка и дамска исправеност, босонога, истата таа Евгенија која ја љуби.

-Здраво, јас сум Елизабет – му вели, а Антониј се насмевнува.

-Сепак, дојдов – одвај изговара Антониј, лут на себе си.

Ѝ се полнат очите со солзи на Евгенија, чиниш како поток ќе потечат, ама ги голта, не ги пушта на виделина. Седнува на прагот, онака како уморно дете од долга палава игра. Седнува до неа и Антониј, и тој ко детенце. Евгенија го гледа во очи, го погалува по лицето, ги гризе усните и го запрашува:

-Сакаш да ти бидам девојка, нова девојка?

Антониј само се насмевнува, една ситна насмевка ко детелинка, зборови нема. Срцето му бие од љубов, а разумот му се заплеткал како пајакова мрежа.

-Далеку сме… Нов живот да започнеме… Јас и ти. Овде каде што сѐ е прекрасно, каде што пораснал Енџел. Во овие светови од планини, тишина и малку Британци, љубов да изградиме. Овој пат без преправање дека не се љубиме… дека сме ветрови што дуваат без правец.

Антониј ја бакнува, а Евгенија ги отвора очите по бакнежот, си ги допира долните усни како да сака таа нежност на прстите од бакнежот да ја задржи. И пак продолжува со зборови што Антониј никогаш не ни сонуваше дека ќе ги слушне од неговата лоша девојка.

-Те сакам, мило мое. Опрости ми за сѐ. Евгенија остана во Скопје. Сега ќе бидам Елизабет… Дозволи ми пак да почнеме и овој пат како првиот, онака како по грешка, како случајно да сме се сретнале, како добронамерник што залутал овде на крајот од светот, кој занесен од тишината се вљубил во некоја осамена русокоса што има срце празно за љубење, која има светови неисполнети, светови што ќе ги направиме љубовни, душите да ги споиме… Сакаш ли, будалче?

-Не сакам веќе да се преправаме, дојдов илјадници километри за да те љубам довека, убава моја.

Автор: Александар Алексов

Извадок од ,,Девици и волци,,

Поврзани статии

Back to top button