Предлог три интересни книги кои ќе го задржат вашето внимание до последната страница
Се двоумите која книга да ја прочитате следна?
Жената на прозорецот (А.Џ. Фин) Ана Фокс живее сама – таа е како затвореник во нејзината куќа во Њујорк, од каде што не може да излезе. Ги поминува деновите пиејќи вино (можеби повеќе отколку што треба), гледајќи стари филмови, присетувајќи се на подобри времиња… и шпионирајќи ги соседите. И тогаш во куќата отспротива се вселуваат Раселови: татко, мајка и нивниот син тинејџер. Совршеното семејство. Но кога Ана една вечер набљудува низ прозорецот како и обично, и здогледува нешто што не треба да го види, нејзиниот свет почнува да се руши – и шокантни тајни излегуваат на виделина. Што е реално? Што е замислено благодарение на тешките апчиња што ги пие за нејзината состојба? Кој е во опасност? Кој ја има контролата? Во овој нездраво неизвесен трилер, ништо и никој не е тоа што се чини дека е.
Секој има своја приказна (99 кратки и горко слатки инспиративни приказни) Ова е книга која вреди секој да ја има во својата домашна библиотека за да може да посегне по неа секогаш кога ќе почувствува дека губи дел од човечното во себе…Може да ја чита буквално секој читател од најрана, па до најстара возраст. Дел од приказните се посложени и потешки, приказни во кои ќе најде поука и најголемиот мислител, а дел се прилично едноставни, како да ги слушате од дете, но сепак длабоки и силни, како да ги раскажува најголемиот мудрец на светот. Во тешкото и искушувачко време во кое живееме, навистина е лесно човек да се изгуби и да заборави на вистинските вредности во животот. Оваа книга е вистинска врска со човечното, потсетник за она што е важно во животот и дека она што го даваме – тоа и ни се враќа. Совет: имајте шамиче во близина кога ќе ја читате оваа книга. Да, длабоко вистинити, страшно тешки и сериозно блиски до секој од нас, овие приказни имаат голема моќ да изнудат солза и од најсилните…
Синдер и Ела (Кели Орам) Помината е цела една година од сообраќајната несреќа на Ела, благодарение на која таа останува без мајка, со куп лузни по телото и неспособна да се движи без помагало. По долгиот и тежок процес на заздравување, Ела е принудена да се пресели кај таткото кој ја напуштил уште кога била мало дете. Ако Ела сака да побегне од домот на татко ѝ и нејзиното ново ужасно „семејство“, мора да ги убеди нејзините доктори дека е способна, физички и емоционално, да живее сама. Проблемот лежи во тоа што таа уште не е подготвена за тоа. И нема ниедна друга идеја како би можела да го отпочне овој процес на заздравување, освен повторно да се поврзе со единствената останата личност на светот која некогаш ѝ значела нешто – нејзиниот анонимен најдобар пријател од интернет – Синдер. Холивудската ѕвезда Брајан Оливер има репутација на проблематично момче. Веќе се шират гласини дека е можно да биде номиниран за Оскар, но неговиот менаџер е убеден дека луѓето никогаш нема да почнат да го сметаат за сериозен актер ако не ги остави лудите денови зад себе. Па со цел да го изгаснат огнот околу неговата репутација на лошо момче, неговите агенти организираат лажна свршувачка со негова колешка актерка. Брајан не е воодушевен од идејата – ниту пак од неговата лажна свршеница – но решава дека ќе издржи ако тоа може да му донесе Оскар. Тогаш добива еден изненадувачки мејл кој менува буквално сѐ.