Што е, а што не е вистинска љубов?
Љубов… Вечно актуелна тема која колку и да ја сретнуваме тргнувајќи од себе па сè до литературата, музиката, медиумите… сепак, идејата за неа често како да е во некој облак од конфузија.
Светот е место кое едноставно е очајно за љубов. На жалост постои толку многу тага, страдања, болести и несреќи со кои се соочува човековиот род… (Статистички, денес 963 милиони луѓе во светот гладуваат; 1,2 милиони деца се жртви на трговија со луѓе; на секои 2 минути едно дете е жртва на сексуална експлоатација, дневно 16,000 деца умираат од глад…!!)
Се чини, колку и да ја сретнуваме оваа тема низ секојдневието, светот има сериозен проблем со недостиг на љубов… Но, исто така, верувам и дека доколку воопшто ја немало, одамна би не снемало.
Што е, а што не е љубовта?
Пред обидот да се одговори на прашањето, најпрво треба да тргнеме од тоа дека љубовта е таква појава што ниту еден текст, мисла, дело или било што, не може да ја опфати во целост и да ја определи. Но и толку е значајна за човекот, што е далеку од бесмислено да се трага по одговорите.
Љубовта не е збор, љубовта не е мисла, љубовта не е апстрактен филозофски концепт… Иако може да се пројавува со секоја смисла на изразување.
Пред сè и најмногу од сè љубовта е ДЕЈСТВУВАЊЕ.
Љубов е кога личноста дејствува така што излегува од својата комфорна зона за доброто на другиот.
(Овој процес, секако, започнува од себе си и од самоприфаќањето. Личниот развој не е возможен без линоста да излезе од својата комфорна зона и да вложи труд за да расте и да се развива.)
Делата на љубов може да бидат крајно едноставни и мали – секојдневни, или пак исклучително големи и несекојдневни. Дали е тоа подготовка на храна, извршување на домашните обврски, разговор и утеха на ближен, или било какво одвојување од своите ресурси за некој (материјални или нематеријални), па се до жртвување на својот живот.
Колкумина од нас ја барале љубовта, фантазирале и ја проектирале идејата за љубовта во рамки на своите его граници? Се сомневам дека постои човек кој би одговорил „не“.
Љубовта е зрелост, љубовта е прифаќање и самоприфаќање, љубовта е давање, жртвување, љубовта е мудрост да знаеме кога и на каков начин да дадеме, а кога да се повлечеме или пак да се заштитиме.
Љубовта е неусловна, делготрпелива и се пројавува низ создавањето, дејствувањето, дисциплината, развојот, растењето, зрелоста и мудроста.
Зошто постои толкава конфузија околу разбирањето на љубовта?
Затоа што љубовта често ја поитоветуваме со чувство, со некоја благоумна сентименталност, со влегување во улога на жртва или пак луда страст. И затоа што навидум, така е полесно да се поима љубовта. Бидејќи тука нема труд, нема вложување, не постои лична одговоност, нема потреба да се скртува потребата за моќ и контрола, да се прифатат некои ситуации и луѓето такви какви што се, а со сето тоа ја нема и потребата од раст и развој… Но, со тоа ја нема ни исполнетоста, смислата и плодовите кои ги има вистинската љубов.
Во однос на личната одговорност на оваа тема
Што и да можете да направите, вреди да се направи. Секој може на некој начин да допринесе за себе и другите, почнувајќи од својата најблиска околина. Да, почнувајќи од себе и домот.
Ирина Николовска
Психолог, Интегративен и Гешталт советник.