Од насУбави муабети

Што се случува кога на времето му даваш уште време?

Знаеш среќо, јас навистина не можам да се сетам кога последен пат не сум правела ама баш ништо. Секогаш бев преокупирана со се’ околу мене, па некако немав време да го правам ништото.
И кога времето ми ги подаруваше слободните моменти, јас не им го знаев значењето. Некогаш дури не ни знаев од каде ја црпам таа моја енергија за да успевам во она што го правам.
Сите оние мигови за да ја одморам душата веќе не ги ни препознавав. Секогаш бев задржувана од оние кои не ми беа битни во мојот живот а некако ненаметливо се вовлекоа во него, дали се однесуваше за луѓе, предмети, настани, поводи, размислувања…
Но, јас како да не чувствував ништо: ни тој замор, ни таа потреба од одмор.
Како тоа така да треба да биде! Како некој да ми го контролираше паметот, а јас не знаев каде е копчето за да го исклучам тој механизам, да се исклучам од таа агонија. Како да чекав некој да падне од небо и да ме потчукне по главата за да ме потсети која сум всушност јас. Да ми каже дека јас сум се’ уште онаа истата мала, посебна, луда на свој начин, која знае да се радува на среќните секунди и да плаче на вековните таги. Но, таа рамнодушност се собрала во мене и ми го заробила срцето, па тоа не можеше да направи никаков крик и да каже нешто.
Ни јас ништо не можев да кажам.
Го кажував само она кое другите сакаа да го слушнат од мене.
Години наназад не сум размислувала што е тоа што јас го сакам.
Не знаев дури ни од каде да почнам, да замислам желба…
Но, како ли се замислува желба? Кога?
Од кого требаше да чекам за да ми се исполни таа желба?
Некако суштината ми бегаше низ прстиве, секогаш кога ќе се обидев да си го допрам ликот, тоа беше како во матна вода да разбрануваш нешто што не постои…
И барајќи се себе, јас им го дадов на сите тоа што го посакуваа…не и она вистинското, не и мојата душа.
И сега што ?
Што се случува кога на времето му даваш уште време?
Дали во моето ништо всушност лежи моето Се’?
Кога завршуваат сите прашања?- Дали можеби кога одговорите повеќе не се ни важни?
Сега кога на ништото му дадов се од себе, ми останува да почнам да живеам од почеток, со цела душа и полни гради…И тоа е доволно…

Автор: Маја Спасовска

Испратете ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button