Уживам исто толку колку што тагувам кога мислам на тебе
Сигурна сум дека и ти мислиш на мене. Скоро исто толку колку што јас мислам на тебе. При секоја помисла ме боли едно делче мало од душава. Тоа делче уште е резервирано за тебе. За тебе љубов моја таинствена. Насекаде се фалев со тебе, а види ме сега. Таинствена љубов те нарекувам. Да, таинствена љубов си ми. Себично, само за себе ги чувам мислите за тебе, копнежот, а и внатрешниот плач е само мој. Мој е. Горчлив е, но како да уживам во него. Изгледа на него сум навикнала. Оти, без таа горчина јас не би била јас. Многумина ги дочекав и ги испратив. Само тебе не можам да те испратам. И не можам да ти ветам дека некогаш ќе успеам во тоа. Многу потажна можеби тоа ќе ме направи. Не знам. Едноставно, не знам. Само знам дека уживам исто толку колку што тагувам кога мислам на тебе. И знам, ќе мислам уште долго. И нема никому ни збор да изговорам за тоа што мислам кога останувам сама. Сама, а во мислите со тебе. Со тебе некогаш, со тебе секогаш. Во мислите.