Убави книги и филмови

Три супер интересни книги кои вредат да ги прочитате!

За денес одвоивме три, интересни и возбудливи книги кои вредат да бидат прочитани. 

Жртвување со оган (Лепа Гештаковска Христовска) Младата Микаела останува сираче за време на Првата светска војна. Едвај преживува од ден за ден, питајќи по улиците и копнеејќи за топла постела и безбеден покрив над главата. Бидејќи нема друга опција, веднаш се согласува да замине кај тетка ѝ за да има кој да се грижи за неа. Но ни нејзината тетка, како нејзина единствена блиска роднина, не е пресреќна што треба да ја прими во својот дом, па веднаш ѝ става на знаење дека нема да биде гостинка таму, туку ќе треба да си го заработува лебот и престојот со макотрпна работа. Но, животот продолжува да ја казнува и измачува. Работите се комплицираат и таа мора да се омажи за човек речиси двојно постар од неа. Принудена повторно да ја прифати својата тешка судбина, се помирува со бракот без љубов. По неколкугодишен брак, избувнува Втората светска војна. И животот по којзнае кој пат ја доведува на раб на преживување, принудувајќи ја да ја донесе најтешката, а воедно и најстрашната одлука во нејзиниот живот.

Под ѓаволовиот мост (Лорет Ен Вајт) Клејтон е почитуван семеен човек; татко, сопруг, професор, тренер и училишен советник, кој пред повеќе од две декади го признал бруталното убиство на ученичка, тинејџерката Лена Раи. Но зошто ја убил? Причината отсекогаш била мистерија. Во низа ексклузивни интервјуа од затвор, Клејтон ја споделува вистината за она што се случило таа ноќ под Ѓаволовиот мост. Но вистината е далеку од она што го очекуваат сите во Твин Фолс. Клејтон сега вели дека тој не е убиецот. Дали лажел тогаш, кога го признал убиството? Или лаже сега? Но во приказната недостасува еден клучен играч? Рејчел Волзак, пензионираната детективка која ги разоткрила изопачените нагони на Клејтон и го сместила зад решетки. Таа не е заинтересирана да ја игра играта на Клејтон, но случајот се здобива со толку голема популарност што почнуваат да се откриваат нови детали и во Рејчел се будат сомнежи за сѐ што мисли дека знаела во минатото. И со секое ново интригантно откритие на Клејтон, сѐ повеќе станува јасно дека тој не е единствениот во градот со тајна.

Закопана вистина (Далибор Трајков) ВО СЕГАШНОСТА…
Софија има прекрасни родители кои ѝ пружиле сѐ што можеле и секогаш се грижеле да има убаво детство, среќен живот и родителска љубов. Тие исто така уште од рана возраст биле искрени со неа и таа знае дека била посвоена како бебе. Но тоа никогаш не можело целосно да ја пополни празнината во неа и да го изгасне копнежот да ја открие вистината за своето потекло, да дознае кои се нејзините биолошки родители и зошто се откажале од неа. Но се плаши дека таа вистина е премногу длабоко закопана и дека можеби никогаш нема да ја открие… ВО МИНАТОТО…
Пред повеќе од дваесет и пет години, Наташа и Александар се запознаваат во Охрид и помеѓу нив веднаш се раѓаат силни симпатии, а набрзо и уште посилни емоции. Но Александар има тежок живот, особено по смртта на неговиот татко; сега тој е мажот во куќата и мора да се грижи за неговата мајка и неговата помала сестра. Иако навистина ја сака Наташа, кога во неговото семејство продолжуваат да се нижат трагедии, тој не може да си дозволи да ја стави нивната љубов на прво место.

 

Поврзани статии

Back to top button