Убави книги и филмови

Трилер книги кои ќе го задржат вашето внимание

За денес одбравме три супер возбудливи и интересни книги кои со сигурност ќе го задржат вашето внимание се до последната страница.

Патник 23 (Себастијан Фицек) Во просек, 23 луѓе годишно исчезнуваат од бродови за време на крстосувања. Обично, таквите ги отпишуваат како жртви на несреќи или самоубиства со скокање од брод. Но, што ако не се? Пред пет години, Мартин Шварц, полициски психолог, ги изгубил сопругата и синот. Биле на одмор на брод, на крстосување, кога тие двајца едноставно исчезнале. Слабата истрага не успеала да открие што се случило – судскиот вештак заклучил дека се работи за убиство и самоубиство. И тој заклучок го прогонува Мартин уште оттогаш, загорчувајќи му го животот. Но тогаш го контактира една постара жена, писателка, која тврди дека има информации за тоа што се случило и инсистира тој веднаш да се качи на бродот „Султанот на морињата“. Таа му објаснува дека неговата сопруга и син не се единствениот таков пар кој исчезнал. Му кажува дека пред само неколку месеци исчезнале друга мајка и нејзината ќерка. Писателката е убедена дека има сериски убиец на бродот. Но кога исчезнатата ќерка одеднаш се појавува – со мечето на исчезнатиот син на Мартин во рака – станува очигледно дека вистината може да е многу, многу пострашна…

Новиот сопруг (Д.Џ Палмер) Тоа што љубиш некого не мора да значи и дека вистински го познаваш… Кога нејзиниот сопруг исчезнува , Нина дознава дека Глен водел двоен живот со друга жена. Но Глен веќе го нема – полицајците претпоставуваат дека се удавил за време на риболов на неговиот брод – па таа не може да се соочи со него за аферата и сите други лаги. Година и пол по несреќата, Нина се смета себеси за вдовица, иако полицијата сè уште нема пронајдено тело. Таа случајно се сретнува со Сајмон Фич, наставник од училиштето на нејзината ќерка, Меги, и полека почнува повторно да наоѓа љубов, со надеж дека некогаш ќе успее пак да дојде до нормален живот. Сајмон од друга страна, вдовец кој сè уште жали за самоубиството на неговата прва сопруга, гледа совршена жена во Нина. Неговиот шарм и топлина го лекуваат нејзиното предадено срце. Синот на Нина набрзо го прифаќа Сајмон како татко, но Меги гледа некоја мрачна страна кај овој нов човек во нивните животи. Дури и пријателките на Нина се прашуваат дали Сајмон е екстремно заљубен или можеби опасно посесивен. Тој ги знае сите нејзини омилени јадења, филмови, песни, потреби… И никогаш не би ја изневерил како Глен. Прашањето е, зошто е Сајмон Фич толку совршен?

Совршено дете ( Лусинда Бери) Кристофер и Хана се среќен брачен пар; тој е хирург, а таа медицинска сестра и имаат речиси совршен живот. Единственото нешто што им недостасува е дете. Кога едно напуштено шестгодишно девојченце, Џејни, се појавува во болницата каде што работат, Кристофер веднаш страшно се поврзува со неа и ја убедува Хана да ја земат дома. Но Џејни не е баш обично дете и нејзината оштетена психа е покомплициран проблем од она што новите родители го очекуваат. Џејни е претерано поврзана со Кристофер и почнува со вознемирувачки испади, насочувајќи го целиот бес кон Хана. Хана никако не може да се зближи со Џејни, па почнува да попушта под притисокот, особено затоа што Кристофер одбива да ја гледа Џејни со објективни очи и да признае дека нешто не е во ред со нејзиното однесување. Хана знае дека Џејни манипулира со Кристофер и дека намерно го оддалечува од неа, иако таа се обидува да го зближи целото семејство. Но вистината што се крие во минатото на Џејни веројатно е доволна да го распарчи целото семејство. Морничав трилер за млад пар очаен за дете… и страшните последици од исполнувањето на нивната желба.

Поврзани статии

Back to top button