Од васУбави муабети

Требаше да бидеш ангел…

Оживеав кога те извлеков од огнот надевајќи се дека ќе го заборавиш тој мирис.
Требаше да бидеш ангел, те одвлекоа од светлината претворајќи те во нешто гладно, нешто кое заборави за што му се рацете кога се тресат за прегратка.
Толку многу порази во тебе, толку многу те имаа пред мене, толку се обидуваше да побегнеш од канџите на џелатите гладни за твоето месо, гладни за твојата убавина…
И совршено добро те познавам. Пиеме крв од истата чаша на разбирањето обидувајќи се да разбереме- јас тебе, ти мене, заедно светот…
Повторувам нечујно- Немој да ме оставиш…јас, нема никогаш да те оставам! …
И не те оставам дури и кога ќе заспиеш во свет кај што од оган останал само пепел и кај што горчина те тера да ги искашлаш сите гревови…
Кога демонот не е демон?
Кога ангелот паѓа на колена?
Ах…кога љубиш,
кога љубиш додека светлоста се меша со мракот,
кога заспиваш со песна во срцето…
Еве, со отворени раце сум свртена накај тебе,
ги подавам како да се молам, и изустувам- Љубов!…Како да учам да изустам прв збор, како да е тоа единствениот збор што го знам одсекогаш…
Единствено нешто за кое знам е љубовта.
И те пронајдов во оган. Се обидов да ги спојам твоите скршени делови, да пронајдам душа…онаа што ти ја грабаа..онаа што ја продаваа не знаејќи дека не постојам за да те купам.
Јас постојам за да те чувам од нив…од сите празни и гладни за понор…
Толку многу има за простување, а знаеме ли да простиме?
Знаеме ли да си простиме себе си за секогаш кога копнеевме, за секогаш кога плачевме, за секој пат кога се проколнувавме?
И кога демонот не е демон?
И кога ангелот ги шири крилјата и го покрива светот?
Ах…кога причината станува толку очигледна…
Ти го нудам моето име изговорено со светоста на моите зборови,
се предавам на тебе како на напуштена црква во која вербата го воскреснува моето тело…
Се појави да го запреш мојот свет, влезе во сите мои сетила и полека ме обзема…И се стана Љубов…а јас научив да живеам со неа…да не живеам без тебе!

 

                                                                                                         Маја Спасовска

Поврзани статии

Back to top button