Од насУбави муабети
Среќен е тој што може да запали свеќа на гробот на своите предци…
Гробови
Среќен е тој што може да запали свеќа
на гробот на своите предци.
Застанува потоа молкум
со наведена глава
и гледа како се шета жолтиот пламен
во камарчето.
Воспоставен е контактот,
и никој не е тогаш посилен од човека,
ни самата смрт.
Тоа е час на негова победа.
А како му е на слепиот
што не може да види ништо такво?
Но тој го има својот опип,
тој ќе се спушти на коленици,
ќе ја помазни со дланка студената плоча
или просто набиената земја
и пак се исправа
и тој како победник.
Зараснуваат моите гробови во бурјан,
патеките меѓу нив во пиреј.
Се губат нишаните.
Сè помалку се оние што ги знаат
и што можат да ме доведат до нив.
Мои покојници,
како ќе ви ја потврдам тогаш својата верност
и како ќе ја обновам,
за да има мир во душава?
Блаже Конески