Убави дестинации

Со посета на Св. Јован Бигорски до мир и спокој!

Манастирот со прекрасни конаци се наоѓа на најпејсажниот дел во долината на реката Радика, близу до Дебарско езеро. Изграден е врз карпа бигор во 1021 година, а манастирската црква е посветена на празникот на Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител. Сегашните фрески во црквата се од 18 век, од непознти зографи од Корча. Овој прекрасен манастир има богат иконопис кој бил работен во периодот од 16 до 20 век. Најпрочуен е иконостасот со длабок дабрез што го изработила копаничарската тајфа на Петре Филиповски – Гарката, брат му Марко и Макариј Фрчковски од 1829 до 1835 година. Во дабрезот има фигури од библиски сцени и настани, со богатство од животинскиот и растителен свет. Претставена е Саломија во мијачка носија и копаничарската тајфа. Во периодот од 14 до 19 век, манастирот имал скрипториум и библиотека, па бил еден од позначајните духовни и книжевно – просветни центри во Македонија.

Денешната архитектура на комплексот е од втората половина на 18 и почетокот на 19 век. Овде се изразени: македонскотото градителство, византиската традиција, ренесансно – барокните елементи и ориенталните влијанија. Манастирот извршил големо културно и духовно влијание во Македонија и во Албанија, каде што се наоѓале манастирските имоти.

Денес има отворени капии за сите посетители. Големото гостопримство влева утеха и мир во душата. Манастирот располага со бројно монашко братство и богат духовен живот. Едноставно е дестинација која не смеете да ја заобиколите. Ќе си најдете смирение и утеха, ќе вдишите чист и свеж воздух и како нови ќе се вратите во градската гужва!

Поврзани статии

Back to top button