Од насУбави муабети

Се мачкам со кокосови путерчиња дека ти мразеше кокос!

Ми мириса на пролет, ми мириса на липи, ми мириса на расцутени дрва. Мириса на вкусни колачиња, на варени гевречиња. Ми мириса и на шејк од јаготки, на чоколаден сладолед и на кокосови бомбици.

Ах, мирисите ме опиваат. Душава ми ја раздрмуваат. Ми мириса на тебе. Не велам не, мирисот на тебе највеќе го сакав кога бев малечка. Не дека сега не го сакам, но, друго е. Време помина, јас не многу сум променета. Ама, се уште се мачкам со кокосови путерчиња за тело, а ти мразиш кокос. Уживам во мирисите од кои ти се поткреваше желудникот. Си варам липов чај и мислам на тебе, ти ја замислувам фацата, точно знам како ќе постапеше да седеше до мене. И, интересно ми е кога те замислувам и кога ги правам работите кои некогаш те нервираа. Пијам обоени коктели зошто ти не ми даваше. Мирисам и се намирисувам на благо, на кокос, на чоколадо, цимет и јагоди и јаболки. И, знам да си сега до мене ќе кажеше “Аман доста на торта ми мирисаш”, ќе се насмевнеше, а ќе ти се плачеше.

Немам како поинаку да се потсетувам на тебе па штом си прснам чоколаден парфем ми се навраќа ликот твој и мирисот твој. Ставам насмевка и излегувам од дома. Чекорам помеѓу расцутените дрвја од кои ти киваше, кашлаше и ги избегнуваше. Сега сама без тебе ќе мирисам на торта ќе ставам цвет во коса а ти само во мисливе ќе си ми!

Поврзани статии

Back to top button