Убави книги и филмови

Сега е вистинско време за нова книга!

Празничните денови искористете ги да поминете време и сами со себе, време квалитетно потрошено, читајки и откривајќи нови приказни и судбини! 

Флерт, уцени и високи потпетици (Маја Божиновска) Викторија е експерт за одење на интервјуа и рандевуа. Таа е малку несмасна, но крајно симпатична хероина која е во постојана потрага по совршената работа и совршениот маж. Еден ден, нејзиниот досаден живот добива сосема друга димензија, кога нејзините очи ќе налетаат на фотографии од навидум среќно заљубен пар. Дознавајќи го идентитетот на тајните љубовници, таа сфаќа дека во рацете има средство со кое може да си ја оствари својата цел. Излегува дека човекот од фотографиите кој држи туѓа вереница во прегратка е директор на маркетинг агенција, каде што таа не добива работа, иако е најквалификувана. Викторија одлучува за првпат во животот да покаже заби и му се заканува на младиот директор дека доколку не го добие тоа што праведно ѝ следува, ќе го разоткрие пред неговиот најдобар пријател и бизнис партнер. Немајќи друг избор, директорот на маркетинг агенцијата ѝ го нуди работното место и оттука почнува да се плете една богата таписерија од оригинални ликови и емоции што го држи читателот во рака од прва до последна страница.

Часови по секс (Даниел Грант) Сите кои го познаваат Џејмс Кенеди сметаат дека животот не можел да му подели подобри карти. Тој е згоден, паметен, млад, има одлично платена работа како банкар во центарот на Лондон, живее во огромен модерен стан во скапиот дел од градот, ги менува девојките како чорапи, има група фини пријатели… Навидум, тој навистина има совршен живот. Но она што никој не го знае е дека Џејмс Кенеди е тапа во кревет. Нула. Аматер. Не затоа што не знае како, туку затоа што има проблем, затоа што некаде греши.Кога само би имало некој кој би можел да му покаже каде греши, можеби да му даде неколку часа по секс…

Другата жена (Сенди Џонс) Подготви се да ја запознаеш другата жена: нема нешто што не е подготвена да направи за да те тргне од нејзиниот син…

Емили е убедена дека Адам е совршениот; човекот што мислела дека никогаш нема да го запознае. Но во сенките демне ривалка, жена која има длабока врска со човекот кој таа го сака. Емили го одбира Адам, но не ја одбира неговата мајка Пами. Сите знаат дека секоја мајка би направила буквално сè за својот син и Емили сега ќе дознае колку далеку е подготвена да оди Пами за да го добие тоа што го сака, а тоа е: Емили засекогаш да исчезне од животот на Адам. Другата жена е заразен, брз психолошки трилер за деструктивната врска меѓу една жена, човекот што го сака и неговата страшно манипулативна мајка.

Поврзани статии

Back to top button