Рецепт за убав денУбави луѓе

Рецепт за убав ден на Магдалена Симоновска Шевро

Таа е најпознатата дизјанерка на чевли во земјава. На социјалните мрежи секојдневно ни го привлекува вниманието со своите модни комбинации кои се фантастични, а денес ќе го задржи вниманието на нашите читатели со нејзиниот рецепт за убав ден.

Ако за некого денот започнува во 6 часот наутро, јас ја имам таа привилегија денот кој е исполнет со сите свои состојки да ми започне малку подоцна. Секое ново утро ми буди нова надеж дека токму овој ден ќе биде уште поубав од претходниот. Тоа се случува кога на вашиот традицонален рецепт ќе додадете некој нов зачин или некоја нова состојка која дотогаш ја немате пробано. А, најчесто ја додавам во попладневните или вечерните часови. (Некоја нова и неочекувана бизнис средба, некое изненадување или едноставно добар шопинг).

Неколку години наназад, будењето ми започнува во моментот кога 4 мали бели шепички газат по мене како по тепих, обидувајќи се на секој можен начин да ми подарат неизмерна љубов уште со првото отворање на очињата, (тоа е мојата малтешка пудлица Белла). И тогаш, знаете дека вашиот ден започнува со љубов, односно главната состојка на рецептот за убав ден.

Кај мене некако оди што повеќе кафе толку подобро функционирање преку целиот работен ден, затоа секое утро го започнувам со голема шолја на кафе. Во меѓувреме, додека го пијам утрнското кафе ги прелистувам содржините на социјалните мрежи. Овие мирудии станаа неизоставен дел од нашите животи, кои и тоа како ни го даваат вкусот на тековниот ден. Со една чаша свежо исцеден лимон и ѓумбир тука е и неизбежното слушање на некоја добра песна со која секогаш имам подготвено и своја посебна кореографија додека се движам низ утрото и ги вршам останатите подготовки.

Откако 1 тон љубов измешавме со 1 голема шолја кафе и свежо цеден сок на тоа додадовме уште зачини преку социјалните мрежи, следи уште една главна состојка во мојот рецепт за убав ден, а тоа е одбирање на совршениот аутфит за денот да ни биде ем добар ем поубав. Бидејќи вкусовите се различни, јас тука додавам онолку зачини колку што мислам дека ми се потребни и прилагодени за денот и обврските кои ме чекаат. Продолжувајќи го денот на работа ме чекаат уште една шолја кафе, мои драги и блиски луѓе. Нивните шеги, досетки и многу креативни идеи и моменти, но, и задоволни лица на клиенти кои знаат да зачинат со едно големо  „благодарам“, задовлство и по некој комплимент… Тие се мојата главна состојка за еден убаво поминат работен ден.

Ручекот го поминувам  во кругот на моето семејство. Колку и денот да не ви тргне по саканиот рецепт секогаш е тука оваа состојка која во себе ги содржи сите зачини со вкус на  љубов, разбирање, гушкање и се она што ви е потребно во моментот за денот да ви биде поубав.

Попладневните часови  резервирани се за дружење со пријателите, физички активности: одење во теретана, долги прошетки и возење велосипед, потоа опуштање со некој добар филм, приготвување на планот за утрешниот ден, споделување на инпресии од денот кој поминал со најблиските и сето тоа повторно  приготвено со главната состојка: љубов.

Поврзани статии

Back to top button