Рецепт за убав ден на Зорица Николовска
Денеска во рубриката “Рецепт за убав ден” се дружиме со радиоводителката Зорица Николовска.
Ако порано, на почетокот на рецептот стоеше состојката “наспиј се добро”, веќе неколку години по ред таа состојка е заменета со “разбуди се навреме и рано”.
Денот, продолжува со пиењето кафе, рано наутро, уште пред изгрејсонцето со сопругот, пред да почне вообичаената забавна утринска брканица со обврските. Во мојот рецепт за убав ден, секогаш, со здебелени букви стои и одлична музика и јако кафе додека трае утринската дружба на Радио 2.
Денот за да биде убав, неопходна е убава дружба, секогаш кога можам (односно кога обврските го дозволуваат тоа) претпладнето е резервирано за позитивни луѓе, односно моите пријатели. Ова е и времето кога подготвувам материјал за следното радио дружење или одвојувам малку време за комуникација на социјалните мрежи.
Ручекот е секогаш за семејството, трпеза полна љубов и храна и разговори за тоа на кого како му поминал денот. Ова е една преубава навика, каде и да си, за ручек дома да си. А потоа следуваат вонучилишните активности и уживањето во нив. Додека момците се на тренинг, сакам да бидам присутна таму и да уживам додека ги гледам како спортуваат и уживаат во она што го прават.
Вечерта е резервирана за семејството(понекогаш и блиските пријатели). Сакаме да се собереме сите заедно и да гледаме филм или да играме некоја игра (не лути се човече, бинго, карти)… Потоа по редослед, од најмалото, вообичаени вечерни рутини, како туширање, приказна, спиење, а за нас, возрасните, последни подготовки за следното утро. Среќата е во едноставноста!