Рецепт за убав ден на Димитар Атанасовски
Денеска во рубриката “Рецепт за убав ден” се дружиме со Димитар Атанасовски. Тој зрачи со позитивна енергија, веќе знаете, но и неговиот рецепт за убав ден е доста едноставен и позитивен!
Да требаше да кажам рецепт за убав ден пред неколку месеци, многу ќе ми се разликуваше од ова што ќе го споделам сега… ама, не за џабе велат дека животот може да ти се смени за еден миг…
Мојот рецепт за убав ден содржи многу љубов, малку повеќе организација, координација и трошка среќа за се’ да се реализирa.
Инаку накратко, денот ми започнува со многу брзање и облакање по пат (зошто сум огромен спанко), но во последниве месеци утрата ги поминам со ќерка ми и Сара, смеејќи му се на животот посабајлечки.
Потоа одам во Идеа Лаб, да си ги сработам сите активности, за во 14 часот да можам на раат да си ги дружам слушателите на радио.
Некаде кон крајот на денот брзам да стигнам дома за да си бидам со блиските, а вечерите ги користиме или за добар филм во кино или за дружба со пријателите.
Можеби според обврските деновите ми се разликуваат, но секој ден ми е непроменлив во еден поглед – уживам во тоа што го работам и си го сакам животот.