Рецепт за убав ден на Андријана Јовановска
Денеска со вас својот рецепт за убав ден го споделува новинарката Андријана!
За мене е убав секој ден што ќе го почнам со голема шолја црно кафе, а ќе заврши со филм или епизода од омилената серија. Убав ми е денот кога внука ми ќе ми рече „I Love You тетка“, а 10 минути потоа ќе се скараме дали да се гледаат цртани или вести на ТВ. Убав е денот кога ќе споделам позитивни вести со читателите на „Репортер“. Уште поубав е кога некој ќе ми каже дека го гледал последното интервју што сум го снимила и дека му се бендисало. Убав е денот кога правам спа-деј со пријателите (пробајте), кога шетаме низ парк, кога озборуваме или седиме во тишина. Убав е денот кога планираме патување, кога вадиме стари слики од кои се срамиме од архива, па ги споделуваме на Вибер и се смееме без осет. Убаво ми е и кога ќе прочитам пет страни од книгата што ја влечам веќе пола година оти немам време за повеќе… Кога се смеам сама со себе додека читам твитови… И додека киснам на телефон, како тинејџерка, муабети со саати додека батеријата не се потроши. Убав е денот кога мајка ќе замеси кифли или татко ќе направи палачинки, а јас и сестра ми ќе ги „мавнеме“, оти, зошто па да не?! Не постои универзален рецепт за убав ден, инаку сите би се придржувале до него, дури и во овие денови кога сме дома по 24 часа. Но, денот може да биде убав дури и во изолација… Правете барем по три работи дневно што ве прават среќни. И смејте се!