Рецепт за убав денУбави луѓе

Рецепт за убав ден на Александра Михајловска

Кумановската актерка која зрачи со позитивност го споделува денешниот рецепт за убав ден со вас. 

Би било убаво секој ден да ни е убав. Барем да пробаме да ни биде убав.

Мене ми е убаво кога се будам да почувствувам сонце на лицето. Нема ништо поубаво од утринските зраци кои некако ја греат собата. Веднаш добивам чувство дека ќе биде убав денот. Не сум човек со дневни ритуали, па и немам некој дневен рецепт.

Имам само еден ритуал во деновите кога имам утрински проби, а тоа е пиење кафе со колегите во театар. Замислете театар, празна сцена која полека се полни со актери. Сите зборуваат за нешто. Некој за текстот кој што се работи, идеја за некаква сцена. Некој разговара со режисерот за нешто важно за ликот. Некој за нешто приватно. Некој кажува нешто смешно. Сите се смеат. Мирис на театар, мирис на кафе, пријатен и необврзан разговор со колегите. Најубаво ми е кога така ми почнува денот.

Други ритуали немам. А за рецепти мајка ми стално вели дека готви ,,без рецепт ама со љубов”. И јас некако верувам во тоа дека се треба да се прави со љубов. Секој ден да не инспирира на љубов. Затоа мојот рецепт за добар ден, без точно прецизни количини кои можат да се менуваат во зависност од потребите би бил: барем 400гр смеење, минимум 500гр пријатели, 300гр време за себе, мала пауза и тишина. По желба e добро да се додаде некаква физичка активност, макар и мала прошетка во природа. Исто така по желба, убаво е да се исполни вечерта со добар филм, уште подобро добар филм во добро друштво. Кога сето ова ќе се измеша во еден единствен ден кој што завршува со прегратка за добра ноќ имаме добра подлога за мирен сон и енергија за нов прекрасен ден.

Поврзани статии

Back to top button