ЖивотУбави совети

Поделбата на машки и женски бои, машки и женски играчки, машки и женски професии го враќа светот наназад!

Живееме во општество каде сакаме да веруваме и дејствуваме во напредокот на светот, во “магијата” на 21-от век, во работите кои тој ни ги нуди, во половата еднаквост, во правата на секоја единка која го сочинува светот и на ваков или таков начин го прави истиот подобро место за живеење. Во време кое ни овозможува толкав напредок на технологијата и интернетот преку кој осознаваме за случувањата ширум светот, преку кој комуницираме со луѓе, припадници на сосема друг крај од нашето поднебје, луѓе кои имаат различни сфаќања и ниту еден притоа не не осудил за одлуките кои не засегаат самите нас како индивидуи. Децата како идни поколенија кои допрва ќе го развиваат светот уште повеќе и треба да имаат уште повеќе разбирање за сите случувања околу нив, од старт од страна на родителите се оградуваат од некои работи… Имено она што најмногу паѓа во очи во последниот период е поделбата на машки и женски бои, машки и женски играчки, машки и женски професии. Секако жена не е створена за да биде механичар или пак маж не е створен да работи во салон за убавина и да депилира, секој треба да си го знае местото. Но, многу е невкусно кога децата ги учите на тие поделби. Деца се, не разбираат за поделби кога станува збор за игра. Никаде никогаш не сум прочитала правило кое вели дека момчињата мора да сакаат да играат фудбал, да ја сакаат сината боја, да не сакаат да играат со тавчиња и тенџериња, дека готвењето е само за девојките. Па меѓу најпознатите кувари во светот се мажи. Или пак црвената играчка е по женска само поради тоа што е црвена… Па Спајдрмен е машки лик а е во црвено и е еден од поомилените ликови на момчињата… Познавам девојчиња кои се фасцинирани од Капетан Америка. Познавам и момчиња кои сакаат да подзачистат од време на време, да измијат некоја чинија, да се плеткаат во кујната, тоа не ги усмерува во погрешен правец, тоа нема да влијае на сексуалната определба. Замислете свет во кој мажите им помагаат на мајките, девојките, сопругите во вршење на домашните обврски околу домот? Па тоа би било супер. Па 90% од жените се жалат дека немаат никаква помош околу “женските” работи низ дома.. Еве прилика. Не ги оградувајте децата од она што во моментот им се чини како одлична игра или забава. Оставете ги девојчињата да се фасцинираат од суперхероите. Па тоа би им помогнало само полесно да ги совладаат предизвиците што допрва им следуваат. Престанете да ги осудувате оние кои сакаат нешто сосема поразлично од останатите. Секој си има своја ѕвезда под небото. Секој ќе си го најде патот. Ваков или онаков, секој си има свој стил, свој став и своја замисла како треба да го живее животот! На крајот на краиштата животот е еден. Не го поленете со предрасуди непотребни. Не правете вашите деца да пораснат со предрасуди!

Поврзани статии

Back to top button