Убави книги и филмови

Предлог книги за убав ден

За денес одбравме три книги кои вредат да бидат прочитани.

Никогаш не кажувам (Синоличка Трпкова) Оваа топла, болна и самосвесна хибридна книга со силно удрен личен печат врз секој збор во неа е прво вистинско книжевно дело на Синоличка Трпкова. Многуте творечки и уметнички искуства на авторката се миголат низ текстот како отровни змии, но летаат и како раскошни пеперутки во сите бои на радоста и на тагата.  Писателот во Синоличка Трпкова стрпливо чекал да дојде на ред. И еве го, пред нас во „Никогаш не кажувам“. Кажувајќи и раскажувајќи без премногу интерпункции и три точки.

И не биди млад мајмун (Велко Неделковски) Животот на главниот „јунак“ на овој роман, Симон (Шими) Апостолов, е пред распаѓање. Бракот со неговата сопруга, Агна, е речиси готов, нема работа и вплеткан е во различни криминални активности. Сепак, како судбината да му овозможува шанса за подобро утре кога Богдан Еврич ќе му понуди работа во неговото кафуле и сопругата ќе му соопшти една убава вест. Но, за време на неговата смена, во кафулето се водат сомнителни разговори помеѓу една жена и тројца мажи, а еден од нив не припаѓа на тоа друштво – еден од нив е на страната на законот. Краток, динамичен и со многу допирни точки до нашето актуелно општествено секојдневие, најновиот роман на Велко Неделковски, „И не биди млад мајмун“, буквално ќе ве остави без здив. Напишан како сценарио за криминалистички филм, со многу напнатост и постојана акција, овој роман ќе ве „зароби“ во неговата приказна и ќе ве „пушти“ дури откако ќе го прочитате.

Клучот на животот (Иво Митев Жиле) Збирката раскази „Клучот на животот“ на Иво Митев-Жиле е јасно и недвосмислено насочена кон универзалното, трајното и неменливото во животите на луѓето, заплеткани во црни љубови и судбини, во подвизи и дела, поголеми од нив самите. Дури и кога се случуваат „тука“ и „сега“, овие раскази се однесуваат на „сегде“ и „секогаш“. Напишани во различни раскажувачки формати (реферирање на конкретни личности, дела и настани; историографска фикција; псевдоисторија; омажи; надоврзувања и дописи на претпоставки; лични илустрации на колективни судбини и мемории…), расказите на Иво Митев-Жиле се дефиле, или литија, кажано со лексиката на авторот, на недобројните книжевни комбинации на фактите и фикцијата. Насловот на збирката, кој не е преземен од конкретен расказ во неа, претставува еден вид код, тајна шифра, лајт-мотив на сите единаесет приказни. Извлечен од расказот „Музиката е жена“ како навидум незабележлива синтагма, насловот „Клучот на животот“ функционира како можно решение, отворање на многуте заклучени врати на минатото, на недореченото, забранетото и пропуштеното…

Поврзани статии

Back to top button