Предлог книги за убав ден
И денес за Вас одвоивме три супер интересни книги кои вредат да бидат дел од вашата домашна библиотека.
Три желби (Лијан Моријарти) Три желби“ е бестселер на „Њујорк тајмс“ и е првиот роман на Лијан Моријарти. Лин, Кет и Џема Кетл, прекрасни триесет и тригодишни тројни близначки, се чини го привлекуваат вниманието каде и да се појават. Кога се заедно, се чини како постојано да ги следат смеата и драмата, но, со тоа, тука се и неволите, додека секоја посебно си води и своја битка со личните подеми и падови. Лин си го организира животот според еден голем список што си го прави самата, Кет дознава вчудовидувачка тајна за нејзиниот брак, а Џема, која ја прекинува секоја врска кога ќе дојде до шестиот месец, конечно почнува да се надева на трајна љубов. Во овој умно напишан и духовит роман, ги следиме сестрите Кетл низ нивната бурна триесет и трета година во нивниот вител од ривалства и тајни, откритија и врски, неверни сопрузи и незамисливи одлуки и неверојатниот, но неретко и фрустрирачки живот што со себе го понесува тоа да си засекогаш дел од трио.
Неописливи нешта (Џес Лаури) Инспирирано од вистинска застрашувачка приказна од родниот град на авторката во заедница каде што ништо не е тивко – или безбедно – како што изгледа. Животот на Кеси Мекдауел во Минесота, во осумдесеттите години на 20 век, изгледа совршено исполнет. Живее на фарма, го сака училиштето и е вљубена во најфиното момче во одделението. Да, тука се и чудните забави на нејзините родители и нивната парада од девијантни гости, но таа е навикната на нив. Сè се менува кога некој ќе дојде на лов во Лилидејл. Едно по едно, исчезнуваат локални момчиња. Едно по едно, тие се враќаат променети – насилни, нерасположени и повлечени. Она што им се случило станува предмет на шокантни гласишта. Обвинувањата кој би можел да е виновен растат толку диво, што на површина почнуваат да излегуваат опасни тајни од градот. И сестрата на Кеси поминува низ процесот на мрачни промени. Доколку сака да преживее, Кеси мора да го најде нејзиниот пат во светот на возрасните каде што секој грев е оправдан, а само вистината непростлива.
Тој почна сè (Саманта Даунинг) Бет, Порша и Еди Морган не биле заедно со години. И тоа поради многу добри причини – ќе дојдеме до нив подоцна. Но, кога нивниот богат дедо ќе почине и ќе остави порака непосредно пред тоа, сестрите, братот и нивните партнери мораат да одат на заедничко патување низ целата држава за да ја исполнат неговата последна желба – и уште поважно – да си го обезбедат својот дел од наследството. Но, времето поминато со фамилијата може да биде тешко. Тоа важи за сите. Уште е потешко кога сите чуваат тајни и се обидуваат да заборават едно сеќавање – исчезната личност, чин на одмазда, човек со црн камионет кој не престанува да го следи вашиот автомобил – особено кога најмалку еден од вас е убиец и има тело во багажникот. Само да споменеме неколку причини. Но, парите се силен мотив. Тоа важи за сите.