Убави книги и филмови

Предлог книги за убав ден!

Се двоумите која книга да ја понесете со вас на одмор? За вас денес одвоивме три супер интересни книги кои можете да ги читате на плажа. Уживајте!

Срца од цимет (Џенифер Хилиер) Колку далеку можеш да ги закопаш своите тајни? И да ја скриеш тагата? Колку долго може да се извлечеш со лагите? И колку долго можеш да живееш со тоа? Ова е приказна за тројца најдобри пријатели: онаа што беше убиена, онаа што отиде во затвор и оној што ја бара вистината сите овие години… Кога имаше шеснаесет години, Анџела Вонг – една од најпопуларните девојки во своето училиште – исчезна без трага. Никогаш никој не се посомнева дека нејзината најдобра пријателка е вклучена на кој било начин во убиството. Но не и Кајзер Броди. Четиринаесет години подоцна, посмртните останки на Анџела Вонг се откриени. Заклучокот е дека и таа е жртва на серискиот убиец што подоцна убил уште најмалку три жени. И кога сите помислија дека мистеријата конечно е разрешена, започнуваат да излегуваат на површина длабоко закопани мрачни тајни. Она што се случило таа судбинска ноќ е покомплексно и пострашно отколку што некој би можел да претпостави. Опсесивното минато се враќа во смртоносната сегашност.

Ќе има друг ден (Лори Нелсон Спилмен) Во оваа бескрајно симпатична приказна, една девојка тргнува да ја комплетира својата тајна листа со цели од детството и дознава дека животните соништа ќе ја доведат до животен пат кој никогаш не го очекувала.1. Да одам во Париз. 2. Да изведувам во живо, на огромна сцена. 3. Да родам бебе, можеби и две. 4. Вистински да се вљубам. Брет Болинџер има заборавено на тајната листа со желби што ја има напишано како наивна тинејџерка. Впрочем, сега возрасна личност, таа смета дека има сè што еден човек може да посака – убава работа во огромната семејна компанија, голем и скапо уреден стан и неодоливо момче. Но кога нејзината сакана мајка умира, светот на Брет се накривува на својата оска. Наместо едноставно да ја назначи за директор на семејната компанија како што се очекува, Елизабет остава тестамент кој ги вџашува сите: таа бара нејзината ќерка прво да ја комплетира целата листа со цели и желби од детството што ја направила пред петнаесетина години.

Кој ќе плаче кога ќе те нема? (Робин Шарма) Во Кој ќе плаче кога ќе те нема, Робин Шарма нуди 101 едноставно решение за најкомплексните животни проблеми, почнувајќи од малку познатиот метод за борба против стресот и грижите, па до моќта што потекнува од вас кога создавате нешта кои, многу години откако ќе ве нема, ќе претставуваат ваша оставина за најблиските и за човештвото. Насловите на некои од темите се: Почитувајте го своето минато, Откријте го својот позив, Почнете го денот убаво, На проблемите гледајте како на благослови… Ако сте подготвени да го замените чувството на празнотија во себе со длабоки чувства на задоволство, мир и страст, и сакате да водите живот полн со смисла и цел – ова е идеална книга за вас. Со своите книги, Робин Шарма веќе го промени животот на милиони луѓе низ светот. Оваа книга е уште една ризница на мудрости, релевантна за овие наши турбулентни времиња.

Поврзани статии

Back to top button