Од васУбави муабети

Последен пат кога го осетив пулсот, живеев и замрзнав во секунда!

Сакам да ти признаам- моето тело стана твој дом.
Ја чувствувам онаа ерозија што ми ги дробеше коските и ја уништуваше кожава од болка…
Се смирува, во мене насекаде е распослан твојот мир.
Сакам со тебе да ја споделам ноќва, да ти кажам во тишина дека сѐ она што беше моја поезија се само зборови кои се разлеваа како киселина по отворени рани.
Не знам или можеби не се ни сеќавам кога последен пат го извадив срцево…како во стаклена кутија го сокривав.
Не зошто не сакав да чувствувам, премногу љубов имам за да не ја поделам…
Туку не сакав да се распаѓам, да припаѓам некому, и во еден безначаен миг се да се сруши и да пропаѓам.
Последен пат кога го осетив пулсот, живеев и замрзнав во секунда. Се сеќавам, како тешки раце околу вратот да ме стегнаа, не можев да кажам ниту- Збогум…
…само грутка…амбис…темнина.
Мислам дека е лесно да ја прифатам љубовта што не ја заслужувам, онаа што ниту трошка чистота од мене не заслужува.
И тогаш, одеднаш- ноќ…и се обидувам да се задушам од мали безначајни солзи што во себе имаат сила да ги оживеат сите сетила.
И тогаш се појавуваш Ти.
Некако ме буди допирот на твоите усни и секогаш како да ми вдишува живот. Како да ми е прв пат да живеам. Како прв пат да сакам да љубам без да престанам…
Сакам да ти признаам- Ја имам таа исконска желба што разгорува оган во мене…
Сакам да ти ја погалам душата, со прстите да поминам низ секоја рана што ти се залепила.
Сакам да те измијам со љубов.
Да те љубам како што заслужуваш.
Не ми е мене до откривање на тајните на Универзумот…
Јас сум Универзум. Јас бев секој почеток…јас се давев во секој крај…
И толку многу сакам да те бакнам
Да ја осетиш топлината на сонцето на моите усни, да го стопам оној ѕид околу тебе по кој се качувам и се лизгам на почеток пак.
Сакам да ти дадам сон во сите бессони ноќи кога ги броиш сенките и размислуваш за животот. Да те покријам со себе, за да не можат демоните да те допрат, мене да ме распараат.
Сакам да те впијам во себе, за да го осетиш секој трепет и да се заљубиш во секоја најчиста емоција. Да ја запалам агонијата и од пепел да создадам хармонија.
Сакам да се стркалам до секој агол на твоето тело, да почувствуваш експлозија…
Сакам да ти ја разгорам светлината…нека мракот биде тој што ќе се затвара, од светлоста ке се сокрива…
Не е лесно, знам.
Сакам целосно да ме почувствуваш. На таков начин сакам да водам љубов…од главата до нозете, секој сантиметар да е ерупција.
Од кожата до коските.
Да ти се разголам себе, да те вдишувам само тебе…да ти ја воздигнам душата.
И нема да знаеш…
Не ми е лесно кога е тишина. Ме тера да се предадам, да сум пресилна, а пред тебе преслаба…ме тера ноќта да се разнежнам…
А така е секогаш, никој не знае.
Ама ете…само сакав тебе да ти признаам.

Маја Спасовска

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button