ЖивотУбави совети
Патував долго, патував цела вечност од мене до твојата небиднина
Патував долго, патував цела вечност
од мене до твојата небиднина.
Низ пожари патував, низ урнатини,
низ пепелишта.
По жега, по суша, по невиделина.
Се хранев со лебот на твојата убавина,
пиев од грлото на твојата песна.
Не гледај ги овие црни суводолици
што го параат моето лице-
ми ги подари лицето на земјата.
Не гледај ги овие нерамнини врз плеќите-
ми ги донесе умората на ридјето.
Погледај во овие раце-
два огна,
две реки
темно чекање.
Погледај во овие дланки-
две полиња,
две суши
глуво лелекање.
Патував долго, патував цела вечност
од тебе до мојата небиднина.
Ацо Шопов