Од васУбави муабети

Одеднаш, ти им даваш смисла на сите мои насмевки…

Оној, меѓупросторот на дланките…
Тој чинам е создаден за твоите прсти. Како во совршен калап, така баш да ги испреплетеш со моиве.
Ќе ти шепнам нешто подалеку од сите…
Не припаѓам на ова време. Ниту на ова место. Не припаѓам на ништо лажно и површно.
Знаев да се смеам поинаку, порано. Лажно. Доволно за да ме прифати светот, кој и онака го отфрлам.
Одеднаш, ти им даваш смисла на сите мои насмевки. Длабоко нурнувам во себе и се смејам на глас, од среќа… Затоа што таму ме чекаш ти.
Замисли само колку се тажни луѓето, живеејќи за туѓи потврди?
Бескрајно.
Денес си ги фатив мисливе како водат љубов со тебе. Ме соблекуваше со воздишки. Ме бакнуваше со толкава страст, што и камено срце би се стопило од толку оган низ него. Шепотеше…
Не можев да ги слушнам твоите зборови.
Но, ја чувствував нежноста во нив.
Безброј пати го извикав твоето име, во молк кој допира само до твојата душа.
Како мое воскресение.
Како грешникот да добил помилување на својата казна…запечатено со бакнеж кој вели- Сега, можеш да живееш!
Сите оние кои грабаат парчиња од тебе…
Знаат ли дека тивките ветувања повторно создаваат целина во една прегратка?
Знаат ли сите оние кои мислат дека те имаат…дека ми припаѓаш?
Ех…а дланкава подадена, да те дофати…
Како во совршено создаден калап.
Така да се испреплете со твојата.
Кожа на кожа.
Здив на здив.
Душа во душа.
Не знаат.
И не треба…
Душите, секогаш си припаѓаат во тишина.

Маја Спасовска

Поврзани статии

Back to top button