Не можеше да ме почекаш заедно да остариме…
Одаде и отаде
Ти дојдов дека сонив два сона набашка
(сега сонувам сѐ ти што сонуваше
и сонувам како ме сонуваш),
едниот сон за мене, другиот за тебе,
но не било за така: во двата ти ми помина
со главата в раце, со очите пред себе,
а по тебе булуци јагниња и јариња
да блекаат и мекаат, да ѕвонат и да греат.
Дојдов да те прашам да не ти треба нешто,
да не нешто те носам на душа,
па грешките и гревот да ми ги оправдаш
и отаде животот и отаде смртта,
оти грешен е оној што не дава проштење,
а не оној што проштење бара.
Не знам што правам, а доправам нешто
што е само сеќавање на тоа нешто
и плачот ми е спомен од некое минато плачење
и зборовите ми се одѕив
на некои други зборови.
Те барав секаде кај што мислев дека ќе поминеш,
од кај што изгрева до кај што заоѓа сонцето,
но ниедно светло до тебе да ме допрати.
Барем негде сенката да ти ја најдев заспана,
пред некоја градска чешма, во некоја градина,
да можам да ја покажам,
да ја прекажам, да ја раскажам.
Не можеше да ме почекаш заедно да остариме,
не се разбра со животот,
набрзина ја потроши брзината негова
и пушти над главата трева да ти расте,
плот и темен темел да ѝ бидеш нејзе.
Дали ти беше мал народот, мала земјата,
дали ти беа малку зборовите, тесно во песната
за да те собере сиот, за да те разберат сите?
Еве, сега пак те тажам и плачам
и, прости дека тоа полека
ми станува и радост, единствена свеченост.
Петре М. Андреевски