Од васУбави муабети

Молкум гледав како се создава лавиринт од сите мои емоции и чувства…

Чинам еднаш во сонот само стоев.
Молкум гледав како се создава лавиринт од сите мои емоции и чувства. И јас во средина. Така само…
Како да сакав некој да дојде, да ме најде. Како да очекував некој да ме види.
А гледаа низ мене. Мислејќи дека ме умеат, често луѓето гледаа низ мене. Не се обидував да им покажам која сум. Зошто би се трудела? Само стоев и се смешкав на секоја нивна поинаква претстава од тоа што сум јас.
А јас сум Ништо. И јас сум Сѐ. Ѕвездена прашина која се разлева низ сите почетоци на Универзумот. Оние експлозии во кои се родиле нови ѕвезди, тие ја покажуваат бесконечноста на мојата душа.
Стоев само.
Немо.
Молчев.
Чекав.
Знаеш ли дека чекав да се сретнам себеси? На раскрсница од моите соништа и реалноста, само да се погледнам во очи и да си кажам- Па добро… Душата ти е чиста. За почеток е доволно.
И да. Доволно е.
Но не во свет кој е научен да граба. Не во свет кој е научен да ги каменува чувствата, гледајќи ги како грев. Моите чувства не се грев. Благослов се. Тие ме креваа до небото, до бескрајот. Тие ме буткаа на земја, да го почувствувам нејзиното студенило… И да станам. Пак… И пак… И пак…
Стоев.
Чекав.
Незнаејќи дека чекам… Дишев.
Во здивот, надеж.
Чинам првиот пат кога вдишав живот, Ти ми проструи низ вените како промена која ми ја запишува судбината.
И се насмевнав…
Те почувствував.

Маја Спасовска

Поврзани статии

Back to top button