Од васУбави муабети

Мачка спасила фамилија од земјотресот во 1963 година

Еј, моја Цицо и по педесет и четири години јас те спомнувам. Многу си ја сакав. Мојата мачка Цица беше рамноправен член на нашето семејство. Моите синови, свекрва ми Софче, сопругот и снаата и мојата Цица бевме едно семејство. Цица спиеше со мене и мој Добре. Ќе се стуткаше меѓу нас и од нејзиното предење и ние заспивавме.

Топла летна ноќ. Цица не заспиваше. Ние задреми, таа рипни му на Добре. И повторно, и повторно. Цела ноќ се расправавме. Јас, Добре и Цица.

„Наде, земи си ја мачката, оти сабајле рано треба да станам. Двете од постела ќе ве избркам!“, ми велеше. Ја молев Цица да седи мирна, но таа не мируваше. Со мјаукање му се фрлаше врз вратот на Добре.

Добре лут, спан, недоспан во еден момент рипна од креветот и ми рече Наде оди долу. Тргни ја мачкава оти утре ќе ја фрлам. Станав ја земав Цица враце и се симнав долу во кујната.

Се спастрив и си сварив кафенце. По мене стана и снаа ми. Беше бремена.

„Зошто стана ќерко“ – и реков.

„Не можам да спијам, многу е топло.“ – ми одгвори снаа ми.

По неа се разбуди и баба Софче. Мажите горе спиеа.

А ние жените, со кафенце го чекавме изгрејсонцето.

И татнеж, силен звук, ко силен ветер да завива. Тресење. Паднаа цреповите. Тресе, а јас на сет глас по име си ги викам синовите и сопругот.

Добре, деца станувајте земјотрес,земјотрес. Ја грабнав баба Софче, снаа ми, Цица во раце и бегаме надвор. Тресе, вие. Пискот.

Куќата стои. Ние сме надвор, сите на купче. Прашина. И тресе, и тресе. Долго чиниш вечност трае тој страшен татнеж.

Од тој страв најмалиот син ми занеме. За неколку минути ми побеле моето седумнаесет годишно момче.

Господи, ти благодарам. Силно крикнав. Со толку нека е. Ние сме сите живи. Снаата ми е добра, со црвило на усните. Бела, убава. Јас во чисто руво облечена. Баба Софче дотерана, исчешлана. Во облакот од прашина ние се гушкаме. А моја Цица не ја испуштам. Во раце ја држам и ја бакнувам.

Цицо тебе ти го должиме животот. Твојот мјаук сон не ни даде.

„Цица не спаси Наде!“ – ми рече Добре. А јас лут на неа сакав утрово да ја фрлам.

Јас, тогаш не родена, Цица, мачката на баба ми Наде и изворно раскажана вистината за земјотресот во моето семејство и мојот роден град Скопје.

  • Текстот ни го испрати нашата читателка Наташа Малинова. Испратете и вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button