Убави книги и филмови

Книги кои ќе го задржат вашето внимание се до последната страница

За денес одбравме три книги кои вредат да бидат прочитани, книги кои ќе го задржат вашето внимание се до последната страница. 

Изопачени игри (Ана Хуанг) Сериозниот, арогантен и секогаш намуртен елитен телохранител Рис Ларсен има две правила: прво, да ги заштити своите клиенти по секоја цена и второ, да не се вплеткува емотивно, никогаш. И никогаш претходно не бил во искушение да ги прекрши тие правила… сѐ додека не ја запознае неа. Бриџет фон Ашеберг. Принцеза тврдоглава подеднакво како него, со скриен оган кој ги претвора неговите правила во пепел. Ден по ден, чекор по чекор, ги руши неговите одбранбени ѕидови и го соочува со вистината што повеќе не може да се одрекува: има дадено заклетва дека ќе ја штити, но сака само да ја уништи. Да ја земе. Бидејќи таа е негова. Негова принцеза. Неговото забрането овошје. Секоја негова фантазија. Принцезата сонува за слобода да живее и да љуби човек по свој избор. Но наеднаш е соочена со политички брак и трон кој никогаш не го ни посакувала. Затоа не смее да копнее по човекот кој не може да го има. Нејзиниот телохранител. Нејзиниот заштитник. Оној кој ќе ја уништи. Нивната љубов, неочекувана и забранета, може да уништи кралство… и да ги осуди на пропаст двајцата.

Никогаш не лажи (Фрида МекФаден) Еден нов брачен пар е во потрага по куќата од нивните соништа. Но кога го посетуваат големиот и изолиран имот кој некогаш ѝ припаѓал на докторката Адриен Хејл, позната психијатарка која исчезнала без трага пред четири години, опасна снежна бура ги заробува на имотот… и не остава простор за заминување оттаму додека не заврши. Барајќи некоја книга за да се занимава додека веењето не стивне, Триша случајно пронаоѓа една тајна соба. Соба каде има аудио записи од секој можен пациент кој доктор Хејл некогаш го интервјуирала. Додека ги слуша касетите, Триша открива ужасна низа настани кои всушност воделе до мистериозното исчезнување на доктор Хејл. Триша ги слуша касетите една по друга, до доцна ноќе. И со секоја следна касета, уште по едно делче од шокантната сложувалка си доаѓа на свое место, а пајажината од лаги на психијатарката полека се отплеткува. И тогаш Триша стига до последната касета. А таму лежи целата грозоморна вистина.

Сите недовршени нешта (Ребека Јарос) Ноа е на врвот од писателската кариера. Со милионските тиражи и обезбедените права за филмување на неговите книги, не постои нешто што кралот на фикцијата го нема постигнато. Но никако не смее да ја пропушти неверојатната можност да го доврши романот на големата Скарлет Стентон, која отсекогаш му била идол. Меѓутоа, едно е да смисли соодветен крај за делото што легендарната авторка го оставила недовршено, а сосем друго е да се спогоди со нејзината прекрасна, тврдоглава и цинична правнука… што ќе се покаже како уште поневозможна мисија. Џорџа Стентон почнува одново да го гради својот живот по ужасниот развод во кој губи речиси сè. Иако сака само да се скрие од светот во куќата на прабаба ѝ во Колорадо, принудена е да се соочи со арогантниот (и мошне згоден) писател, кој полека ја стекнува нејзината доверба. Но додека ги читаат писмата и ракописот на Скарлет, почнуваат да сфаќаат зошто таа никогаш не ја довршила приказната за нејзината врска со пилот од Втората светска војна. Џорџа е убедена дека љубовта нема среќен крај, па и покрај неоспорната хемија меѓу неа и Ноа, решена е да не ги повтори грешките на Скарлет – дури и по цена да ја уништи неговата кариера.

Поврзани статии

Back to top button