Книги кои ќе го задржат вашето внимание до последната страница
Читајте денес, читајте утре, читајте секогаш и секаде!
Темјанушки во март (Сара Џио) Во дваесеттите години, Емили Вилсон е на врвот на светот: таа е авторка на Њујорк Тајмс бестселер, има сопруг што изгледа како изваден од некоја насловна страница и сигурна е дека ја очекува само среќа до крајот на животот.
Десет години подоцна, кругот се врти и нејзината среќа пука како меурче од сапуница. Таа нема идеи за нови книги, сопругот ја остава и целосно се распаѓа, но без да пушти солза. Па кога нејзината тетка Би ја кани да го помине месецот март на преубавиот остров Беинбриџ, Емили прифаќа, надевајќи се дека океанот ќе ја исцели. Кога почнува да истражува за нова книга, Емили наоѓа еден црвен кадифен дневник од 1943 година и се сепнува кога сфаќа дека дел од работите во него се поврзани со нејзиниот живот. Воодушевена од љубовната приказна во дневникот, не може да престане да го чита и да мисли на лудо вљубениот пар од неговите страници.
Делумно мистерија, делумно љубовна приказна – Темјанушки во март е книга што се чита во еден здив.
Живот за живот (Сара Зар) Џил МекСвини посакува само сѐ да може да се врати во нормална состојба.
Но по смртта на татко ѝ, нејзиното огледало, човекот кој цел живот ја учел како да биде подобра личност, таа повеќе нема желба за ништо и едноставно се оддалечува од сите кои сакаат да ѝ помогнат: нејзиното момче, нејзините пријатели, нејзината мајка… И сега, кога мајка ѝ одлучува да посвои бебе, таа се чувствува гневно поради обидот еден живот да се замени со друг, бидејќи, се разбира, никој и ништо не би можел да го замени татко ѝ – сонцето на нејзиниот живот.
Менди Калиновски знае како е да пораснеш без никој да те сака, со мајка која никогаш не сакала да има дете.
Па кога останува трудна, таа е сигурна во една работа, дека сака подобар живот за своето дете. Но дали постои некаква шанса таа некогаш да најде подобар живот за себе, бидејќи, ако сме реални, таа и самата сѐ уште е дете? Ќе најде ли некогаш некој кој ќе се грижи за неа?
На раб на лудило (Б.А Парис) Ако не можеш да си веруваш себеси, кому можеш да веруваш?
Ноќ, сред страшна бура, Кес се враќа дома сама и сопругот ја замолува да не крати преку патот во шумата, бидејќи тој пат е опасен кога дивее страшна бура. Но и покрај тоа што му ветува дека нема, таа не сака да патува 40 минути, па пресекува низ шумата. Таму, на напуштениот рурален и морничав пат, здогледува застаната кола, а во неа седи жена, сама. Кес претпоставува дека жената чека некого, па си продолжува. Но утредента дознава дека жената подоцна била убиена и никако не може да се помири со тоа.
Таа се обидува да го исфрли ужасното злосторство од нејзината глава; што можеше да направи, реално? Тоа е опасен пат за жена, и тоа сред бура. Нејзиниот сопруг ќе збеснеше ако дознаеше дека го прекршила ветувањето. А веројатно и таа ќе беше повредена ако застанеше да ѝ помогне на жената. Но оттогаш упорно заборава некои работи: каде ја паркирала колата, дали се напила апче, кој е кодот за алармот, зошто нарачала бебешка количка кога нема бебе? Единственото нешто што не може да го заборави е таа жена, жената што можеби можеше да ја спаси и ужасната, неподнослива грижа на совест. И не може да разбере зошто упорно има чувство дека некој да набљудува тајно…