Книги кои со внимание ќе ги читате се до последната страница
Денешниот предлог книги се три супер возбудливи и интересни книги кои ќе ве остават без здив. Книги кои со внимание ќе ги читате се до последната страница.
Уништување (Моџо Килингтон) Четириесет и двегодишниот доктор Јан Рајсберг, сопруг на Марија, татко на Лотар и Ана, еден ден дава отказ. Се гледа во огледалото во тоалетот на еден бар и се прашува: „Кој сум јас?“ Тагата повеќе сликала на неговото лице, а се чини дека среќата не ја ни допрела четката… Изгледаше… Поинаков. Тоа не беше човекот кој го знаеше. Ниту човек кој сака да го запознае. Тоа беше маска на еден минат живот на кој му стави крај кога се измоча врз фикусот на директорот на клиниката. Првата вечер кога се почувствува слободен, ја поминува во ќелија во полициската станица каде што запознава млада девојка. Следуваат ноќи исполнети со забави, алкохол, дрога и секс… На колку сè начини можеме да си го уништиме животот, заслужуваме ли втора шанса и можеме ли да избегаме од себеси, се само некои од прашањата со кои Моџо Килингтон се занимава во овој емотивен, брутално соголен, интензивен и во филмски манир напишан роман.
Жената со црвена коса (Орхан Памук) Орхан Памук е можеби најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес. При крајот на XX век, во град близу Истанбул, мајсторот Махмут и неговиот чирак Џем копаат бунар на едно навидум пусто и суво место. Мачејќи се да стигнат до скапоцената вода – што ќе го „разбуди“ местото и ќе ја поттурне економијата – тие развиваат длабок однос: Махмут го пронаоѓа синот што никогаш го немал, а Џем таткото што го напуштил. Во меѓувреме, на сцена стапува жената со црвена коса, а во Онгорен се случува страшна и голема несреќа, несреќа што ќе остави длабока траума во животот на момчето. „Жената со црвена коса“ е комплексен роман во кој се испреплетуваат политиката и психологијата, книжевноста и стварноста, Западот и Истокот. Приказна преокупирана со таткоубиството и Цар Едип на Софокле; но, исто така, и приказна за синоубиството, за Рустем и Сухраб, раскажана во епот „Шахнаме“ на персискиот поет Фирдуси. Роман што уште еднаш ја потврдува комплексноста и сериозноста на Орхан Памук.
Градината оа олеандрите (Роза Вентрела) Во градината на една куќа во Карбонара, во Апулија, цвета олеандер. Го насадува Агостино, кога се преселува таму со неговата сопруга Анита, позната како „Марџала“. Жена со ретка и мистична убавина, Марџала има моќ да ги смири болките кај новороденчињата, претставува скапоцена помош при раѓање и, доколку е потребно, е во состојба да отстранува клетви. Има три ќерки: Розета, Корнелија и Дијаманте, која е најмладата. Првата е убава и дива како и таа. Втората има коса со боја на мед и истите светли, продорни очи на нејзиниот татко. Од друга страна, Дијаманте е полничка, со виткана и нескротлива коса и е своеглава. Со постојано остар и прониклив поглед, речиси никогаш не препуштајќи се на нежност, со текот на годините Марџала станува сведок на смртта на нејзиниот сопруг, на почеток на војна и на растењето и созревањето на нејзините ќерки, со нивните несреќни љубови, горливи страсти, горчливи разочарувања. Смирувачкото присуство на Марџала, обвиткано со нејзината непробојна тишина, е постојано тука да ги надгледува, дури и спроти најнепредвидливата судбина… Семејна сага за испреплетените судбини на четири храбри и уникатни жени. Мирисот на волшебната земја, Апулија.