ЖивотУбави совети

Како изгледа кога некој ќе успее да најде рамнотежа?

Психата се состои од многу делови и од центар на свесноста (его – „Јас“). Во тој внатрешен универзум не постои само една планета, туку цел планетарен систем, па и повеќе. Можеме да зборуваме за тоа дека луѓето имаат една личност, но дека во суштина, таа се состои од збир на подличности.

Јунг ова го објаснил поопширно. Постои его – комплeкс; потоа постојат мноштво пониски лични комплекси (комплекс претставува автономна содржина на личното несвесно обоена со чувства, обично создадена со психичка повреда или траума) од кои комплексот на мајката и таткото се најзначајни и најсилни; и конечно наоѓаме многу архетипски претстави и констелации. Во извесна смисла, ние сме составени од многу потенцијално различни ставови и уверувања, а тие лесно може да заземат позиции еден наспроти друг и да се судрат, што доведува до создавање невротични личности. Вакви различни личности се персоната и сенката. Тие се комплексни структури и постојат во секоја развиена човечка психа.

Сенката претставува отфрлени и неприфатени делови од личноста кои се потиснати и кои претставуваат компензаторна структура на его идеалот, како и на персоната. Таа е нашата претстава која се лизга зад нас додека одиме кон светлината.

Еден од несвесните психички фактори кои егото не може да ги контролира е сенката. Всушност, егото е обично несвесно дека има сенка. Секое его има сенка. Тоа е неизбежно.

Јунг го користи терминот сенка за да ја означи психолошката стварност која е релативно едноставна за сфаќање на имагинативно ниво, но е покомплицирано да се разбере на практично и теоретско ниво. Тој сака да ја нагласи ужасната несвесност што ја покажуваат повеќето луѓе. Наместо да ја означиме како „ствар“, подобро е сенката да ја разбереме како психолошки квалитети на личноста или квалитети кои се во сенка (т.е. скриени, зад нечиј грб, во темнина) или „сенчести“. Кои било делови на личноста, кои обично би му припаѓале на егото, доколку се интегрирани но се потиснати поради когнитивна или емотивна неусогласеност, преминуваат во сенка. Зборувајќи воопштено, сенката има неморален квалитет, во најмала рака, квалитет кој е на лош глас, а содржи карактеристики кои се во спротивност со обичаите и моралните правила на општеството.

Ако волјата, изборите и намерите на егото се следат доволно длабоко, доаѓаме до царството на темнината и студот, каде што станува очигледно дека егото има моќ, во својата сенка, да стане екстремно себично, своеглаво, нечувствително и желно за контрола. Овде личноста е целосно егоистична и насочена кон исполнување на личните желби кои водат кон моќ и задоволство по секоја цена. Ова срце на темнината внатре во егото е самата дефиниција на човековото зло така како што се изразува во митовите и приказните.

Доколку карактеристиките на сенката кај некого станат донекаде свесни и интегрирани, таа личност многу се разликува од просечниот човек. Повеќето луѓе не знаат колку се егоцентрични и егоистични и сакаат да изгледаа како да се несебични и своите апетити и задоволства ги држат под контрола. Луѓето настојуваат да ги скријат таквите траги од другите и од самите себе зад фасадата што ги прикажува како обѕирни, внимателни, сочувствителни, разумни и генијални.

Персоната, нејзината спротивност, го добила името по латинскиот збор за маската на глумецот. Овој дел од личноста е врската што психата, кој го претставува општествениот идентитет на поединецот. Тоа е лицето што си го ставаме кога се среќаваме со општествениот свет околу себе.

Јунг открил два извори на персоната: Првиот извор, очекувањата и барањата на опкружувањето, ги опфаќаат барањата какво што е да се биде одреден вид личност во согласност со општествените обичаи на групата и често верува во некои предлози за согледување на природата на работите (какво што е прифаќањето на некое религиско учење). Другиот извор ги подразбира индивидуалните и општествени амбиции.

„Во согласност со општествените околности и барања, социјалната личност е ориентирана од една страна од очекувањата и барањата на општеството, а од друга страна од индивидуалните цели и стремежи“. – К. Г. Јунг

На почетокот на животот, личноста е едноставно неиздифериницирано единство. Таа е униформирана и повеќе потенцијална отколку реална, и е целосна. Со развојот, оваа целина станува диференцирана и се раздвојува на делови. Настанува его свеста и додека расте, зад себе остава голем дел од целината на јаството (центар, извор н сите архетипски содржинии вродени психички тенденциикон структура ред и интеграција) во она што сега станува „несвесно“. Така несвесното станува структурирано како низа материјални купчиња околу имагата, интернализациите, комплексите. Комплексите се автономни и покажуваат сопствена свест. Тие, исто така, врзуваат извесно количество психичка енергија и имаат сопствена волја.

Интеграција на Персона и Сенка

Интеграцијата зависи од самоприфаќањето, целосното прифаќање на оние делови од себе кои не и припаѓаат на претставата на персоната, која сама по себе е идеал или барем културен стандард.

Како изгледа кога некој ќе успее да најде рамнотежа?

Јунг го цитира писмото на една негова пациентка, напишано кусо време по завршувањето на анализата:

„Од злото добив многу добри работи. Со молчење, потиснување на ништо, со внимание и  прифаќање на реалноста – прифаќање на работите такви какви што се, а не такви какви што би сакала да бидат – работејќи го сето тоа, дојдов до необични сознанија, како и до сила каква што порано не можев ни да замислам. Секогаш мислев дека, кога ќе ги прифатиме работите, тие на некој начин нè надминуваат по силата. Ова дефинитивно не е точно; со прифаќањето на работите некој може единствено да заземе став кон нив. Така што сега имам намера да ја играм животната игра примајќи сè што доаѓа до мене, и добро и лошо и сонцето и сенките кои засекогаш се менуваат; на тој начин ја прифаќам и својата сопствена природа со сите нејзини позитивни и негативни страни. Затоа, за мене, во сè има повеќе живот. Колку бев будала! Колку се обидував да ги терам работите да одат по оној тек по кој јас мислев дека треба да одат!“

Јунг смета дека спротивностите се обединуваат во психата кога дејствува „трета сила“. Ако двата пола се држат во напнатост, решението ќе се појави доколку егото може да ги напушти двата пола и да создаде вакуум во кој несвесното може да понуди креативно решение во облик на нов симбол. Овој симбол ќе овозможи да се отиде чекор напред, што ќе подразбира нешто од едното и од другото – не само обичен компромис туку алмагамација која нуди нов став на егото и нов вид врска со светот.

Овој процес може да се набљудува и во текот на психотерапијата и низ животното искуство – процес во кој луѓето ги надминуваат своите претходни судири, претпоставуваат нови персони и интегрираат порано неприфатливи делови од себе.

Ирина Николовска – Психолог, Интегративен и Гешталт советник

Поврзани статии

Back to top button