И на сред лето, може да ти студи во душата!
Велат дека колку постудено е надвор, толку постудено ти е внатре во душата. Не се согласувам со тоа. И никогаш нема!
Ете мене, на температура која го надминува четриесеттиот степен ми студи на душава. Се тресе таа, се тресам јас. Нема сонце што ќе ја стопли.
А, се започна едно лето, пред многу години… Дојде тој. Од никаде се појави во мојот свет. Ми ветуваше брда и долини, ми пееше љубовни песни, ме бакнуваше на чело за добра ноќ. И силно верував дека љубов како од бајките може да постои и во реалноста.
Но, како замина летото, така замина и тој! Од тој септемвриски ден мојата душа веќе не се насмевна. Не се израдува. Од толку плачење, чинам пресушена е.
И студи. Во душата, во срцето, меѓу градите, во рацете и нозете, и студи на секоја моја клетка. Ми велат дека само љубов може да ме згрее. Се сомневам. Јас веќе не знам дали да верувам во љубов. Во луѓето. Во подобро утре…
- Текстот ни го испрати наша читателка. Испратете и вие своја проза или поезија на info@ubavo.mk