ИнтервјуаУбави луѓе

Интервју со Вера Калин: За среќните животи во суштина никој и не сака да чита

Вера Калин е најчитана македонска авторка за 2016 година. Нејзините дела се одлично прифатени од домашната читателска публика. Во ова интервју за ubavo.mk, зборува за суштинските работи околу нејзината професија, за моментите на инспирација, за нештата кои ја прават неизмерно среќна…

ubavo.mk: Во кој момент од вашиот живот сфативте дека имате талент за пишување? За што пишувавте на самиот почеток, што ве инспирираше?

Искрено, порано никогаш не размислував околу тоа дали имам талент, единствено знаев дека сакам да раскажувам приказни. Пофалбите од наставниците, како и пофалнците од конкурсите, во мојата наивна детска глава фигурираа како уште еден од многуте начини да се израдувам себеси и да ги направам горди моите родители. Дури и пред 7 – 8 години кога ја почнав книгата, целта не ми беше да ја издадам, туку да ја завршам. Секако, сето тоа се измени како што се приближував до крајот на првата верзија, што всушност беше само почеток на приказната што на крајот ја раскажав и само првото камче во градењето на она што сум денес.

Инаку, кога почнав да пишувам, а почнав многу рано, пишував за истите оние нешта за кои пишуваат децата: за природата, за слободното време, за љубовта. Кога малку потсозреав и решив сериозно да се занимавам со ова пак, во моето поле на интерес се актуелизираа темите поврзани со стравот, загубата, измамата, смртта, љубовта во сите форми, како и други стожерни парчиња откинати од животот на современиот човек.

ubavo.mk: Во моментов, актуелна сте поради добивањето на наградата „Најчитан автор во 2016“. Какво е чувството да се биде добитник на оваа важна награда чие добивање зависи исклучиво од читателите?

Сѐ што ќе кажам ќе биде премалку. Отсекогаш мислев дека книгата ќе допре до мнозина и дека ќе им се допадне, ама не очекував толку да им се допадне. Наградата е еден збир од сите оние пораки и коментари кои секојдневно ги добивам, и кои постојано ме прават среќна. Дури и да не постоеше како таква, верувам дека читателите ќе најдеа начин да ми ги соопштат своите впечатоци.

Сепак, добро е што е воведена. Во мојот светоглед таа продолжува да постои како опиплив сведок на задоволството што луѓето го почувствувале живеејќи накратко со моите ликови, и како една од моите најголеми радости.

ubavo.mk: Каков е вашиот процес на пишување? Сметате ли дека тишината и изолацијата се важни за да може уметникот во мир да ги средува мислите, ликовите и приказните?

Искрено, не знам. Постоеја периоди во мојата скромна писателска кариера кога пишував малку и нередовно, постоеја и периоди кога пишував многу и секојдневно. Многупати читам нешто што веќе сум напишала и се прашувам од каде излегло тоа. Многупати се плашам дали некогаш повторно ќе напишам нешто што ќе биде доволно добро. Сомнежите се нешто нормално и секојдневно, и со нив секој се бори на овој или оној начин. Физичката изолација и тишината немаат никаков значај, доколку не постои ред и тишина во мислите. Јас не сум човек кому му пречат дразбите од околината и со времето научив добро да владеам со сопствената концентрација, па затоа немам некои особени побарувања кога станува збор за условите што ми се потребни за да го правам она што го правам. Но, сепак, и покрај тоа што за мене редењето зборови е возможно секогаш и секаде, тоа не го правам секогаш и секаде. На крајот претпоставувам дека мојот процес се состои од бесконечно долго гледање во празната страница, сѐ додека тоа повеќе не можам да го поднесам.

А штом веќе се пополнат празните страници – следуваат преправки. Бесконечно многу преправки.

Вашата книга „Бездомникот со златен часовник“ излезе и на бугарски јазик. Колку е тешко еден млад македонски автор да се пробие надвор од границите?

Да бидеме реални, тешко е кога доаѓате од мала земја и пишувате на јазик кој многу малку луѓе го зборуваат, тешко е кога во вашата земја не постојат агенти, и кога мора да барате некој од страна, а не знаете каде истиот да го најдете. И тоа не е тешко само за младите автори, туку и за постарите.

Сепак, не секогаш општествената реалност е онаа која индивидуално ја живееме. Преводот на бугарски јас го добив по неверојатно лесен пат. Уште пред да излезе книгата, уште пред да се знае кога точно ќе излезе книгата, ме известија дека поради наградите за краток расказ сум вклучена во групата што ќе замине на книжевна визита во Софија. Испадна да заминеме само три дена по промоцијата на книгата во Македонија, и уште веднаш да го потпишам договорот за превод. Порано би рекла дека тоа едноставно не се случува, но сега ќе речам дека тоа ретко се случува. Она на кое се надевам се уште многу такви ретки моменти отцепени од реалноста, кои ќе ми помогнат да ги остварам сите мои соништа.

Кои се вашите омилени книги и автори?

Омилени автори немам, зашто не мислам дека читателот треба да се врзува за авторот, туку за делата кои тој ги пишува, а ниеден автор не може со својот севкупен творечки опус да ги задоволи подеднакво сите читатели.

Што се однесува до книги, едно време тоа беше Големата Вода, потоа беше Оркански Височини, па Ловец на змејови, па Индиго Бомбај, па Парфем, но сега тие времиња поминаа. Сега сфаќам дека има толку многу приказни, кои подобри, кои полоши, што нѐ учат на толку многу различни нешта и како читатели, и како писатели. Не сметам дека имам доволно долго животно, писателско и читателско искуство за нешто што постои во изобилство да го сведам на два – три наслови.

Сосем веројатно мојата омилена книга е онаа која следна ќе ја прочитам, и сосем веројатно така ќе биде и со речиси секоја наредна.

ubavo.mk: Доколку некој некогаш напише книга за вас како би сакале да се вика?

Како читатели сакаме да се идентификуваме со ликови кои прават да посакаме да станеме посилни и подобри личности, и да доживееме куп различни нешта кои инаку не би имале шанса да ги доживееме. Не би сакала некој да напише книга за мене. Животите на обичните луѓе се премногу досадни за да бидат раскажани. Особено среќните. За среќните животи во суштина никој и не сака да чита.

ubavo.mk: Што и недостасува на македонската книжевна сцена? Културна или критичка обнова?

Многу нешта, што се надевам дека наскоро ќе се променат. Прво, недостасуваат професионални уредници, кои ќе бидат покрај писателот во текот на целиот процес на преправки на делото. Она кое што македонските писатели ги става во многу незавидна положба е непостоењето на тој стручен кадар како советници за приказни, уредници, агенти итн. Ние работиме сосем сами, а се „бориме“ да се пробиеме на странски пазари каде што на едно дело работат група луѓе, со објективно гледиште врз испишаниот текст. Првата критика што ја добиваме, освен ако самите не побараме тест – група пред самото издавање, е онаа на читателите, откако делото веќе ќе се издаде. Друго што недостасува е вистинска и објективна критика. Твориме на мала сцена, каде речиси сите меѓусебно се познаваат и не се само колеги по перо, туку и пријатели настрана од тоа. Во општества каде свеста е малку поизидгната, можеби тоа не би претставувало проблем, но овде секојдневно гледам како многу мислења се премолчуваат пред авторот (оној кој треба најмногу да ги слушне), и се кажани зад негов грб, а тоа никому не помага. Но, ние сме таков народ, прво не сме навикнати да дадеме критика, второ не сме навикнати да примаме критика. Сето тоа го доживуваме премногу лично и злонамерно, повеќе како навреда отколку како пријателски совет, и со самото тоа не го гледаме потенцијалот за развој кој само критиката може да го овозможи. Мој впечаток е дека егоцентричноста и аплаузите „по пријателска линија“ многу ѝ штетат на оваа земја, не само во книжевноста, туку и во сите други области.

ubavo.mk: Каде ја барате убавината на живеењето?

Во самото живеење! Се трудам никогаш да не ми биде досадно, зашто досадата го сронува човека, па од сите моменти се обидувам да си исплетам бескрајни уживања, без разлика дали се работи за денови полни со обврски, или патувања, или дружења, или пак денови што ги поминувам сама и во кои ништо особено не се случува.  Дури и кога решавам да не правам ништо и да го поминам целиот ден мрзливо лежејќи в кревет, убавината ја наоѓам во мечтите, за сите оние прекрасни нешта што би можеле да се случат и што едноставно мора да се случат. Животот е прекрасен во сите негови форми, кога знаеш да ја совидиш неговата убавина.

ubavo.mk: Кој е вашиот рецепт за убав ден?

Убавите денови ми почнуваат со чиста глава. Се трудам да не заспивам со темни и несредени мисли, зашто имам забележано дека ако не ги избркате од креветот, грижите заспиваат на перницата до вас, и се будат заедно со вас. И, тоа е тоа. Отворање очи со убава мисла – и денот може да почне.

ubavo.mk: Кои се нештата кои ви измамуваат насмевка?

Малите нешта се оние кои најмногу ме радуваат. Насмевка која јас ќе ја предизвикам. Прегратка која е малку поцврста од вообичаената. Здравици со најмилите. Пеење на цел глас на четка за коса (извинувања до соседите). Вистинска песна во вистински момент. Кафе со погодена доза шеќер и млеко. Вртење на стари албуми со слики. Остварување на замислена желба. Добар, лечебен сон. Онаа совршена реченица конечно напишана после часови работа. Пораки од моите читатели. Моменти кои ги имам само за себе.

Мигови кога сфаќам колку сум всушност среќна.

Поврзани статии

Back to top button