Од васУбави муабети

Докторите и сите медицински лица треба да се тука за народот, а не народот за нив!

Не бев човек кој знаел да мрази, кој некогаш си ја полнел душата со омраза и презир. Кога некој ќе ми погреши гледам да му најдам оправдување, да сфатам дека имал причина што така лошо постапил. Кога гледав дека мојата добра волја е злоупотребена се повлекував, се тргнав на страна. Но, ова што сега го чувствам е нешто поинакво, нешто сосема друго. Не е како нож забиен од најдобар пријател, не е како неверство од саканата, не е како да те касне кучето кое си го пораснал. Нешто многу полошо е, барем за мене. Траума ми остана. Од лошиот однос на “професионалниот” ни кадар при Клиничкиот Центар. Замислете на некој од тие вработени поважено им е да четуваат на фејс, да играат игрици за мали деца, да испијат кафе и да се затрујат и да ги затрујат присутните во болницата со тон никотин. Додека им носиш болен човек, на раце им го внесуваш сам, како умееш и знаеш си го довлечкал, оти немало слободно амбулантно возило, они ти викаат чекај, стој, има ред. Ред кој половина час не се поместува од место. Сите стојат, лежат, седат, и припаѓаат чекајќи да дојдат на ред. Трпението ти е при крај, грижата за човечкиот живот ти го поматува умот и не знаеш ни што со себе, ни што со болниот до тебе. Влегуваш да прашаш до каде се, да кажеш дека пред врата состојбата на пациентите не е воопшто за чекање и што ќе видиш. Гледаш ликови во бели и зелени мантили со насмевки на лицето, навалени пред компјутерот и сите гледаат некое за нив смешно видео додека надвор луѓе се борат за живот. Зарем тоа може да го прават луѓе кои полагале и се заколнале на заклетва, решиле да помагаат на луѓе, да ги лечат, а не да одмагаат. А, седејќи таму, и оденсувајќи се ладнокрвно, незаинтересирано и дрско во тие фотељи да бидеме реални тие само одмагаат на пациентите. Не велам дека целиот клинички центар е ваков, но велам дека имам многу вакви непрофесионалци. Тоа треба да се смени, од корен да се прочисти, секој каде што заслужува да седне. А такви како горе наведените не заслужуваат ни во бакалница маалска за леб да ти продадат да ги вработиш, оти од нивната мрза и нечовечност ни леб ќе добиеш, ни ситост ќе видиш што е. Докторите и сите медицински лица треба да се тука за народот, а не народот за нив. Треба да помагаат и надвор од работното време. Жал и мака ми е што од мене такви луѓе успеаа да направат човек кој презира и мрази. Човек кој си ја озлобува искрената душа поради нивни гревови. Ама, не, не можам да молчам, да трпам и да викам дека е во ред, кога не е. Нека си ја каже секој својата приказна, доживеаниот стрес и нека допре тоа до нив, нека сфатат дека човечкиот живот е поважен од се на светот!

Поврзани статии

Back to top button