Еден ден јас ќе бидам нешто друго, нешто туѓо, нешто што светка со светки какви никој не видел на овој свет!
Леле колку ќе ти биде криво еден ден, леле! Така ти реков.
Еден ден јас ќе бидам нешто друго, нешто туѓо, нешто што светка со светки какви никој не видел на овој свет.
Еден ден ќе ти мирисам на ванила штом пројдам покрај тебе, ќе сакаш да ме допреш, да видиш дали сум вистинска.
Еден ден ќе се движам поклопено со сите ритми, музики и инструменти во твојата глава што се вртат.
Еден ден ќе се смеам и ќе се прашуваш – Зошто ли се смее, зошто…зошто?
Еден ден ќе имам една енергија невидена, енергија што заведува без да се труди.
Еден ден ќе одам по некој пат толку сигурно, ќе се прашуваш – каде ли оди, каде…каде?
Еден ден твоите душегрижници што те тапкаа по рамо, што за мене лоши зборови ти носеа за душа да ти спасат, ете баш тие ќе ми држат сенка молејќи се да ми бидат секојдневие, ете баш тие ќе ми истураат шеќер и мед по животов, ти да се прашуваш – Дали е можно, дали…дали?!
Можно е среќо, не сонуваш. Ти се будиш. Боли малку, ќе се навикнеш, будење и треба да боли.
Еден ден ќе биде лудо затоа што ќе биде вистинско.
Еден ден низ прсти ќе ти се лизнам.
Еден ден магија ќе се случи затоа што верував.
Еден ден кога човек ќе се разбуди…
Леле колку ќе ти биде криво еден ден, леле! Така ти реков. И заминав.
Маја Спасовска
Испратете и вие ваш текст на info@ubavo.mk