Од насУбави муабети

Дождот ти е единствениот пријател кога ти навираат солзи…

Денешниве дождови ја најавија есента. Ме потсетија дека летото има краток рок на траење. Дека мечтите и соништата отсонувани на долгите песочни плажи ме напуштаат. Дека треба да ги приберам сите долги, лелеави фустани.

Денешниве дождови ме потсетија дека сум кревка. Дека можам да плачам со саати. И дека дождот ти е единствениот пријател кога ти навираат солзи, успешно ќе сокрие дека липаш од болка. Или до болка. За кого како.

Ама ако, јас го сакам дождот. Успева да ми ги измеша емоциите, па да направи да се чувствувам толку живо и толку моќно. Да ги измие гревовите. Да ме натера одново и одново да се вљубам во нештата и луѓето кои неизмерно ги сакам.

И го обожавам дождот! Го празни градот и улиците. Ги тера сите да се скријат некаде. А, јас го сакам градот празен кога ништо не ме вознемирува додека чекорам по долгите булевари. И така, душава, дождот и мојот град влетуваме во една нова и возбудлива есенска приказна. Имам чувство дека ќе биде најубавата во овие мои триесет години…

Поврзани статии

Back to top button