Да беше дечко, ќе му раскинев!
Како да имаме некоја чудна врска, непрекинлива, полна тажни мисли и болки, а сепак сè уште ни опстојува. Сè уште сме заедно, јас и минатото. Упорно се прашувам како да го започнам животот одново, да можеше да трепнам и при самото отворање на очните капачиња да бидам нова јас. Да можам како на дечко да му раскинам и да не се свртам назад. Но, како да ме прогонува…
Секој божји ден го молам да ме остави на мир, да замине од сегашноста и да си седи мирно каде што му е местото. Тоа е лошо, не заслужува да ми ја влоши и сегашноста или да ми влијае на иднината. Легнувам и станувам со истата молитва. Ќе дојде ли ден да ја слушне?
Оди си, аман веќе и спаси ме. Остави ме да се вивнам во висините. Не ми ги стегај крилава, молим те. Остави да земам на раат воздух и да наполнам гради. Да го осетам тоа прекрасно чувство дека чекорам напред, дека не тапкам тврдоглаво во место. Не ми го враќај погледот веќе назад, не ми ставај окови тешки на нозеве, оти гледаш дека не можам да направам ни чекор напред. Слушни ги моиве молби, помогни ми да се разделиме и да си ужива секој на своето. Да бидам вистинската јас, без тебе да видам дека можам. Да чекорам со крената глава, гордо и достоинствено. Ајде, послушај ме и тргни се ти од мене, оти јас од тебе не знам.