Гласот ми ѕвонеше како ѕвоно во празна катедрала…
Онаа ноќ кога сенките ме распнаа…тие го шепотеа твоето име.
Секоја буква навлегуваше како шајка низ ослабеното тело.
Слушаш ли? Велеа тивко.
Слушаш ли како името на твојот спасител, е твојата смрт.
Гледаш ли твоите надежи, како безмилосен џелат го сечат твоето верување?
Престанете! Низ заби го испуштав последниот крик.
Стојте!
А замаглената просторија низ своите ѕидови го раскажуваше очекувањето да си тука.
Желба по желба. Како оние стари филмови да ја вртеа својата лента, повторувајќи ги моментите…
Надеж.
Очекување.
Разочарување.
Па пак отпочеток.
Ангелот на вистината низ своите усни со залепена трака, му дозволи на демонот на лагата да ми раскажува.
Еден ден…
Така ја почна својата приказна.
Еден ден ќе седнеш во празна соба. Мирисот на изгорена надеж ќе ти пробива низ сите сетила додека вдишуваш…
А ти ќе молчиш.
Ќе гледаш со поглед попразен од најдлабокиот амбис. Затоа што таму нема ништо. Таму луѓето ги фрлаат своите изгубени копнежи. А тие… Исчезнуваат. Исто како и мигот во кој биле посакани.
Слушаш ли? Нема звук. Нема ништо. И тоа ништо ќе те проголта.
Денес
Утре
Вчера
Овој миг…
Гласот ми ѕвонеше како ѕвоно во празна катедрала, од оние со големи ѕидови што ја шират фрекфенцијата за да стане подраматичен мигот.
А срцево како да се делеше помеѓу војна и мир. Тик так… Па тишина. Тик так…па врисок.
Онаа ноќ кога распетието ми ја покажа мојата сила во душава да те закопам…
Создадов нова религија.
Јас… тогаш воскреснав.
Маја Спасовска
Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk