Убави книги и филмови

Во нејзиниот пишан збор се пронаоѓаат многумина од нас!

Нејзините книги ги читаат сите генерации, во нејзиниот пишан збор се пронаоѓаат многумина од нас. За денес одбравме предлог три книги од нашата а светска авторка Ксенија Николова.

Ова не се Ромео и Јулија (Ксенија Николова) Тишина. Никој не зборува. Јулија е тажна, знам, а за Ромео не можам да ви кажам. Се гледаат в очи. Веќе подолго време ги набљудувам. Не ги разбирам. Се сакаат. Знам дека се сакаат. Но зошто никој ништо не зборува? Зошто никој ништо не кажува? Сакам да помогнам, ама не знам како. Нешто се случува. Слушам зборови. Грди зборови. Гледам солзи. Ромео го повишува гласот, а Јулија не успева да го надвика. Зборуваат за крај. Не ми се верува. Па тие си заминуваат. Секој на своја страна, луѓе мои, како и да не се случило. Како и јас да не ги набљудувам цело време и навивам за нивната среќа. Јулија ја зема својата голема чанта и почнува забрзано да оди. Ромео е сè уште тука. Ја гледа и ништо не зборува. Само ја гледа. Откако Јулија ja снемува во далечината, Ромео воздивнува. Нешто се случува. Нешто необично. Солзи. Драги мои, тој плаче. Плаче како мало дете. Плаче и Јулија. Плачам и јас. Само  што  не плачеме во исто време и на исто место…

Макар уште еднаш (Ксенија Николова) „Што си се заљубила баш во мене?“ , ќе ја прашав јас понекогаш.
„Мислиш дека не си за сакање?“, ќе одговореше таа самоуверено.
Ќе ја наведнев главата и ќе се насмеев. Тогаш не можев да признаам, но сега сум сигурен дека беше убаво да се има некој во животот кој веруваше во мене. Некој кој веруваше во мојата способност да љубам, во моето лице, во мојата душа, во моите очи, во мојата насмевка, во моите солзи.

Емотивен манипулатор (Ксенија Николова) Жртвувајќи ја среќата заради љубовта, ја загубив онаа најважната – љубовта кон самата себе. Лутејќи се на сите околу мене, најмногу се налутив на себеси. Гневот кој го чувствував, ме надвладеа. Тагата, исто така. Разочарувајќи се во светот, најмногу се разочарав самата себе. Грижејќи се премногу, заборавив да се грижам за самата себе. и тоа траеше, и траеше…
Сè додека не се разбудив, за среќа. сè додека не ги отворив очите и вистински прогледав за прв пат. Сè додека не ги пуштив сите лоши мисли од себе и решив да се ослободам. И престанав да се лутам. престанав да бидам гневна. Престанав да се разочарувам. Светот е онаков каков што е. Но, јас ќе бидам онаква каква што сакам да бидам во него. и додека сум овде, секоја секунда живот, ќе ја љубам и ценам.

Поврзани статии

Back to top button