ЖивотУбави совети

Брзи десерти кои ќе ги обожавате!

Подготвувањето на десерт или торта понекогаш знае да одземе часови и по навика ги одбегнуваме и купуваме готови. Но, нашите денешни предлог рецепти ќе ве убедат дека десерт може да се подготви за многу кратко време и тој да биде толку вкусен што ќе посакате уште една порција. Испробајте ги!

ПАЛАЧИНКИ СО МЕД

Подгответе вкусни палачинки со малку поинакво полнење. За овој рецепт потребни ви се 2 јајца, 250 гр брашно, 1 лажица шеќер, рендана кора од лимон, 1 ванилин шеќер, 400 мл млеко, сок од свеж лимон и неколку лажици мед.

Во сад ставете ги јајцата, шеќерот, ванилиниот шеќер и лимоновата кора па сета тоа изматете го со миксер. Потоа додајте ги млекото и брашното и матете се додека не добиете смеса без грутки. Доколку е потребно, може да додадете плус млеко.

Во тава за палачинки која претходно сте ја намачкале со масло, почнете да ги печете палачинките. Останатата кора од лимон и сокот измешајте ги со медот и загревајте ги на тивок оган. Откако ќе ги направите палачинките, намачкајте ги со полнењето од мед и лимон. Сервирајте со мелени ореви и парче лимон.

ПУДИНГ ДЕСЕРТ СО БАНАНИ И ЈАГОДИ

Вториот предлог е пудинг десерт со јагоди и банани кој е навистина освежителен за топлите денови. Ви требаат: 600 мл млеко, 1 пудинг со вкус на банана, 4 лажици шеќер, 1 голема банана, неколку свежи јагоди и неколку бисквити.

Подгответе го пудингот на стандарден начин. Бисквитете измелете ги, а овошјето исецкајте  го на ситни парчиња. Во чаша за сладолед или голема широка чаша наизменично ставајте ги бисквитите, пудингот, па овошјето. Пред послужување, оладете го десертот на собна температура.

Во овој рецепт, пудингот од банана може да го замените и со чоколаден.

ДЕСЕРТ ВО ТЕГЛА

Доколку сте активен Инстаграм корисник, сигурно сте забележале дека тренд е кафето, смутито или коктелот да се послужат во тегла. Зошто не и десертот?

Потребни ви се 2 шолјички ситно издробени бисквите или чајни колачи, млеко, 1 пудинг од чоколадо, 1 шолјичка маргарин или путер, 2 шолјички слатка павлака, 2 лажици шеќер и малку рендано чоколадо.

Измешајте ги бисквитите со растопениот путер. Пудингот подгответе го според упатството на кесичката, а слатката павлака заедно со шеќерот матете ја со миксер се додека не стане цврст шлаг.

Земете четири тегли со средна големина, и во секоја од нив ставете слој од бисквитите, па чоколадниот пудинг и на крај шлагот. Потоа, повторете ја постапката на ставање во истата тегла. Одозгора, над вториот слој шлаг ускрасете со рендано чоколадо.

 

Поврзани статии

Back to top button