Од насУбави муабети

Јас плачам заедно со небото, немојте и вие!

Возам и плачам, леам солзи заедно со небото. Размислувам за нешто за кое премногу боли… Но, цело бреме мене таму ми се мисливе. Како да ми олеснува што и небото плаче во дует со мене. Грми, а јас испуштам силен крик. И во тоа сме искомпонирани јас и грмежите. Крик на слобода сакам да е! Но, не тоа е крик на тагата која неколку месеци во мене ја чувствувам.

Го изгубив саканиот, а со него се изгубив и себе си. Тој ми беше љубов, поддршка, сигурност и се. Уште како ѕвона ми одѕвонуваат во глава нековите последни зборови „Биди силна и јака за нашите деца“,  „Чувај ги“, „Не дозволувај да ме заборават“. Го правам тоа што му беше последна желба, и ќе го правам додека дишам, но не ми е добро. Воопшто добро не се чувствувам. Секој момент додека сум сама јас плачам, плачам, но никако да ми олесни. Никако не успевам тагата да си ја намалам. Додека возам од работа накај дома, на семафор луѓето ме гледаат чудно и загрижено. Си велат што е со женава? Што ја снашло? Не посакувам никој да го снајде тоа што мене ме снајде, да се остане вдовица на мои години воопшто не е лесно. Но, тој пат секое утро го одевме заедно, тој возеше јас дрдорев. Дома ги заспивам децата за на раат да се исплачам. Плачам по маркети, семафори, паркови, паркинзи, училишта, канцеларии… плачам на секаде. Сигурно никогаш, на ниедни години не е лесно, но мене ми е претешко. Имам две дечиња кои секојдневно си го бараат татко си. Очиња полни прашалничиња кои срцево ми го дробат. Две златни дечиња кои треба да ги изведам на прав пат. Да ги пораснам сама, во добри и паметни луѓе.

А, со негова помош се беше полесно. Ретко плачев, ретко тагував. Деновите, неделите, месеците и годините убаво ни врвеа. Среќно живеевме, среќни спомени ми остави, но тажна сегашност и болна иднина. Иднина претешка за моиве плеќи, но ќе издржам. Знам дека можам и морам, потребна сум им здрава и права на моите две месечинки, а тој ќе биде мојата ѕвезда водилка и од горе секогаш ќе ме прати.

Поврзани статии

Back to top button