Три интересни книги кои се читаат во еден здив
Секогаш создавајте си време само за себе и за добра, поучна и интересна книга. Не заборавајте, колку повеќе читате толку полесен живот ќе живеете.
Тајната колиба на плажата (Сара Џио) Историска драма за Втора Светска Војна, сага за недозволена љубов, убиство и одамна загубена слика…Летото во 1942 година, дваесет и едногодишната Ен Келовеј, неодамна свршена, одлучува да ја напушти својата земја за да служи во Армијата на медицинските сестри на Пацифичкиот остров Бора-Бора. Ова за неа претставува нешто сосема ново и возбудливо, сосема спротивно од она на кое е научена и навикната со нејзиниот мирен и предвидлив свршеник, па нејзиното внимание веднаш го привлекува мистериозниот војник по име Вестри. Нивното пријателство на прекрасно опишаниот остров наскоро почнува да цути како што хибискусот цути покрај океанот. Но покрај океанот има и нешто друго… Мала напуштена колиба на одамна починат сликар, непозната за останатите војници, па Ен и Вестри се состануваат под малиот речиси распаднат кров каде делат еден свој приватен свет. Но нивниот мал идеален свет во колибата се распаѓа кога стануваат сведоци на грозоморно убиство во близина на колибата. Брзо по убиството, Вестри одеднаш го преместуваат на друга воена локација и целата убавина исчезнува во ветриштата на војната. Ен Келовеј, сега старица, ја раскажува оваа приказна обидувајќи се да открие нешто повеќе во врска со љубовта која трае повеќе од седумдесет години…
Фати ме (Лиса Гарднер) ШТО АКО ГО ЗНАЕШ ТОЧНИОТ ДЕН КОГА ЌЕ УМРЕШ?Шарлин Грант верува дека ќе умре наскоро. Во изминатите две години, некој ги убива нејзините пријателки од детството една по една. На истиот ден. Во исто време. И сега таа е последната што е останата жива и ги одбројува последните четири дена до 21-ви јануари. КОЛКУ ДАЛЕКУ ЌЕ ОДИШ ЗА ДА ПРЕЖИВЕЕШ? Шарлин не планира да се предаде без борба. Таа цела година боксува, тренира пукање и трча. Таа исто така сака, ако сепак биде убиена, истрагата за нејзиното убиство да ја води детективката Ди Ди Ворен. Но како што Ди Ди навлегува подлабоко во случајот, така почнува да ја преиспитува приказната на жената. Инстинктите ѝ велат дека има шанси Шарлин да не е во никаква опасност. Ако тоа е вистина, тогаш жената мора да има некоја тајна – некоја толку страшна тајна што таа самата по себе би можела да биде најголемата закана од сите.
Светлината што ја изгубивме (Џил Сантополо) Тој е првата личност што ја инспирира, што ја трогнува, што вистински ја разбира. Дали е судено да биде и последната? Луси мора да донесе одлука што ќе ѝ го смени животот – но за да може да ја донесе таа одлука, прво мора да ја раскаже нејзината приказна – нивната приказна – од самиот почеток. Луси и Гејб се запознаваат на факултет, на ден што засекогаш им ги менува животите на двајцата. Заедно решаваат дека сакаат нивните животи да значат нешто, да постигнат нешто важно. Кога повторно се сретнуваат година дена подоцна, личи на судбина – можеби ќе го најдат своето животно значење еден во друг… Но тогаш, Гејб станува фоторепортер кој добива задача на Блискиот Исток, а Луси гради кариера во Њујорк. Она што следи е тринаесетгодишно патување на соништа, желби, копнежи, љубомори, предавства и, пред сè, љубов. Дали судбината ги има споено? Дали по свој избор се имаат одвоено? Нивните патувања ги носат Луси и Гејб на различни континенти, но никогаш не можат да ја извадат неа од неговото срце и него од нејзиното.